Многу држави, вклучувајќи ја и нашата, ќе треба да ги прилагодат законите и правилата за медицинската употреба на конопот, за да може на сите оние на кои овој лек им е потребен, истиот да им биде достапен и финансиски исплатлив
Германија веднаш по имплементирањето на програмата за медицинска употреба на канабисот, ќе врши промени во законот и програмата. Две причини доведоа до тоа. Првата, судска пресуда со која се дозволува пациент сам да си го одгледува и произведува својот лек. Оваа пресуда е од огромно значење затоа што на неа може да се повика секој граѓанин на Германија и да побара истите правила да важат и за него. Втората причина е недостатокот од канабис во аптеките. Имено, моментален снабдувач на пазарот на канабис во Германија е Холандија и тие не можат да постигнат да ги задоволат потребите на Германците, објаснува активистот Давор Ангеловски од здружението Зелена Алтернатива.
Поради овие две причини Германија ќе мора да изврши промена на моделот и програмата за лекување со канабис. Најверојатно ќе се добиваат лиценци за одгледување на канабис од страна на приватни и правни лица, како би се задоволиле и личните и потребите на сите пациенти во државата. Друга предност, како што наведуваат пациентите е и можноста за пристап до повеќе сорти, бидејќи во моментов располагаат само со десетина.
Од ова може да се изведе поука дека законите и регулативите за медицинската употреба на канабисот се тема на која што треба постојано да се работи и која не е завршена со носење на закон. Како едно од најдобрите решенија е да се дозволи секој пациент кој има соодветна дијагноза, да си го одгледува и произведува лекот самостојно. Тоа ќе му помогне финансиски, како и да си ја најде соодветната сорта која највеќе му одговара за неговата болест, бидејќи како што знаеме секој индивидуално реагира на дозата, сортата, т.е. составот на канабиноиди, терпени и други состојки од растението канабис.
No comments:
Post a Comment