Sunday, May 22, 2016

Третиот семинар за коноп следниов викенд!

Драги поддржувачи на легализацијата на конопот во Република Македонија!!!  
420macedonia ви пренесува одлични вести! Конечно, на наше огромно задоволство, во името на здружението Зелена Алтернатива - ЗА, официјално ве покануваме да ни се придружите на третиот по ред семинар од циклусот за демистификација на конопот што го организира токму ова извонредно здружение на граѓани. 

Семинарот ќе се одржи на 28-ми и 29-ти мај во Дом на АРМ во Скопје со почеток во 12:00 часот. Влезот повторно ќе биде бесплатен. Kартите веќе може да се подигнат на две локации. Хотел Солун на рецепција и Кафе Пабло и во Кино Карпош и Излет Кафе! Деталите за настанов, како и програмата можете да ги проследите во ФБ групата на Зелена Алтернатива, на нивната официјална Веб страница, како и на објавениот ФБ настан.

„Ги известуваме сите оние кои се заинтересирани да присуствуваат на семинарот кој ќе се одржи следниот викенд, дека влезот за истиот како и на минатите два семинара ќе биде бесплатен, меѓутоа за влез ќе биде потребна карта. Картите ќе може да се подигнат од понеделник (23.05.16) на неколку локации низ градот кои навремено накнадно ќе ги објавиме“ - истакнува активистот и член на ЗА, Давор Ангеловски.

Како што веќе знаете, учесници на овој семинар ќе бидат врвни научници и доктори од Израел, Чешка, Шпанија, Канада, признаени како светски експерти на полето на канабисот. Голем дел од нив се членови на интернационални одбори на истражувачки центри и асоцијации за употребата на конопот. Тие ќе ни ги презентираат најновите сознанија од областа на употребата на канабисот, ќе ги споделат со нас искуствата од нивната работа и истражувањата за лековитоста на конопот.

„Главна и заедничка тема на овој семинар ќе биде употребата на канабисот во здравствената заштита, теорија и пракса. Со оглед на се` поголемиот број на граѓани од нашата држава кои го користат маслото од канабис, како здружение сметаме дека овој семинар ќе помогне да допреме до што повеќе граѓани и ќе допринесе за поголема едукација за тоа како правилно да се користи конопот. Со оглед на се` почестите заболувања на наши и ваши роднини, пријатели и познаници, веруваме дека на се` повеќе луѓе им е потребно маслото од канабис како за спречување и превенција, така и за лекување на повеќе болести и тегоби на ова модерно време“ - објаснува Филип Достовски, основачот на ЗА.

Затоа ве повикуваме да ни се придружите на овој семинар за заедно да ги слушнеме предавањата на водечките авторитети на полето на канабисот низ светот и да помогнеме во споделувањето на тоа знаење за понатамошното рушење на стигмата и предрасудите кои нашето општество ги има кон ова благородно лековито растение! Да научиме нешто повеќе и заеднички понатаму да ја продолжиме борбата за употребата на оваа билка во нашето секојдневие. Искористете ја оваа ретка можност да бидете дел од ваков собир и повелете придружете се. Ве очекуваме во што е можно поголем број! :)




No comments:

Post a Comment