Saturday, July 30, 2016

Не апсете ги активистите кои се борат лекот да е легално достапен за сите нас!

Филип Достовски од Зелена Алтернатива
Двајца активисти на Зелената Алтернатива, здружението што беше еден од иницијаторите за легализација на марихуаната во Македонија, на 28 (четврток) се приведени, па пуштени од страна на полиција. Како што објаснува Филип Достовски, еден од приведените, на 28 јули попладне полицијата влегла во неговиот дом, додека тој бил надвор од дома, правел масло кај некои пациенти. Откако му јавиле дека се врши претрес, веднаш се предал на полицијата по што бил однесен на испрашување во полициска станица. Според него, приведувањето е поврзано со неговиот активизам за маслото од канабис. Според информациите со кои располага Вечер.мк, тој не бил под истрага, ниту пак бил оформен предмет за него, па зачудува фактот што наредбата за претрес потпишана од судија од скопскиот Кривичен суд дошла буквално како „гром од ведро небо“.

Филип држи предавање во Охрид, 2016
Кај нас беа пронајдени 300-400 грама канабис. Тоа е количина оставена од пациенти што се лекуваат со канабис, за да им правиме масло. Ги имаме и пациентите како сведоци кога ќе дојде време за суд. Сите знаат дека не сум дилер. Тоа го знаат и полицајците. Ова не е некакво си алиби, туку вистината“ - вели за МКД.мк еден од најистакнатите активисти за легализација на канабис Филип Достовски, кој пред два дена (28.07.16) од седум часот беше приведен во полиција и таму беше држен до кај полноќ.

Достовски потенцира дека приведувањето е доста симптоматично и (не)очекувано, особено што доаѓа откако периодов се разви голема дискусија на социјалните мрежи – се разменуваа мислења, бројки, истражувања и факти за канабисот и канабиноидите (основните активни супстанци), се дискутираше доста за маслото со ЦБД што почна да се продава по аптеките, за кое самиот смета е прескапо и преслабо. „Како да купувате вода. Имаме добар закон за пациенти, кој секако дека може да се подобрува. Ние се зајадовме со компанијата која продава масло од канабис во аптеките, бидејќи тоа доведе со зголемување на црниот пазар. Така, за иста количина масло кое ние (нелегално) го правиме со екстракција на канабис за 3.000 евра, во аптеките тоа би чинело околу 40.000 евра, пресметано според процентите на канабиноиди“ - објаснува Достовски.

Дел од заканите на Реплек
Поради тоа што јавно ги критикува ваквите политики, вели дека неодамна добил закани по телефон дека треба да молчи, за да не заврши во затвор и за да не бидат превземени некои други мерки. Филип исто како и некои други активисти од Зелена Алтернатива и 420Macedonia, по јавно објавените реакции нивна страна за граѓанското незадоволство од „квалитетот“ на екстрактот од канабис наречен „Каноил“ на Реклек, (коешто не заслужува ни да се нарече екстракт, туку едноставно разредена тинктура), периодов добиле низа закани од одредени личности. Телефонски закани добиваше и активистот Давор Ангеловски. „По неколку негативни коментари за производителот кои ги имав објавено на социјалната мрежа Фејсбук или пак, дадени во медиумите, јас добивав телефонски закани. Броеви од странство кои потоа мистериозно исчезнуваа од логовите во мојот телефон. Заканите ги имам пријавено во полиција“ - вели Филип. Тој исто така, бил приведуван повеќе пати без причина. Вечерта заедно со Достовски беше уапсен уште еден член на Здружението „Зелена Алтернатива“. Како што изјавуваат од Радиомоф.мк, пред неколку дена тој е претресуван од полицијата, уапсен и казнет пред влез на 50 метри од дома и тоа за неносење лична карта.

Филип држи предавање
По сето што се случуваше периодов, синоќа добивам повик од дома за да ме информираат дека ми дошле од одделот за Недозволена трговија и шверц (НТШ) на претрес. Отидов, а во меѓувреме дошле на претрес и кај друг другар, исто така дел од Зелена Алтернатива, со кој заедно помагаме на пациенти. Во полиција бевме од седум часот до кај полноќ. Сето она што го зборувавме таму десетици пати сме го повториле и јавно, за нашите континуирани иницијативи, заложби како здружение..“ - потенцира Достовски, кој и самиот се лекува со канабис против рак на белите крвни клетки - Хочкинов лимфом и маслото му помага болеста да не се врати. „Од МВР засега не се достапни за коментар за случајот со приведувањето“ - изјавува НоваТВ.мк.

Филип потврдува дека односот на полицијата бил во ред. „Полицајците беа коректни за време на претресот и за време на распитот во Одделот за недозволена трговија. Канабисот кој го најдоа кај мене ми е даден од пациенти за да им правам масло и тоа тие ќе го потврдат. Против мене е поднесена кривична пријава и ме пуштија да се бранам од слобода до почетокот на судскиот процес“ - изјавува Достовски. Филип ја искажува својата огромна благодарност до сите. „Би сакал да им кажам НАЈГОЛЕМО ФАЛА на сите што помогнавте, на сите мои пријатели што ги знам и што не ги знам.. Фала на македонската јавност за поддршката, фала на службениците од МВР за коректниот однос и разбирањето, фала на адвокатите што се појавија, фала на луѓето кои се јавуваа во НТШ и ми помагаа да излезе вистината (знаете кои се)... исто така фала на непријателите за мотивацијата... СИТЕ ВЕ САКАМ (нормално некои повеќе, некои помалку)“ - истакнува Филип на својот ФБ профил.

Во Македонија беше донесен Законот за употреба на масло од канабис во медицински цели, по што дозвола за негово производство доби само фармацевтската компанија Реплек. Но, маслото за медицински цели кое содржи ТХЦ, се` уште не е почнато да се произведува и го нема во аптеките. Во моментот, во аптеките може да се најде само масло кое нема ТХЦ, а кое нема ни ЦБД и е само дополнување на конвенционалната терапија. Ова масло не може на болните да им даде ни надеж дека ќе оздрават поради лошиот квалитет. Во таква ситуација, пациентите се` уште се препуштени сами на себе и се принудени да се снаоѓаат и да го купуваат маслото на црно. 

Ова „масло“ нема да те излечи!
Три илјади денари за 50 милилитри масло од канабис во кое има помалку од 0,2% ТХЦ и меѓу 5-7% ЦБД е причината поради која шишенцата стојат на рафтовите во аптеките на „Реплек“ и речиси не се продаваат. Поборниците на легализацијата, невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика и секако експертите, предупредуваа дека надлежните и производителот Реплек мора да внимаваат најмногу токму на овие аспекти од проблемот. Според Филип Достовски легализацијата на маслото од канабис во Македонија е само стартна основа за да се работи на оваа проблематика. Тој смета дека маслото кое во моментов се продава во аптеките, нема да има речиси никакви ефекти поради малата концентрација, а најголем проблем е цената поради која овој лек е речиси недостапен.

Она што се продава во аптеките е масло кое не може да предизвика ниту „плацебо ефект“. Маслото кое јас го користам за да се лекувам од рак има 8% ТХЦ и 28% ЦБД, па сега вие самите пресметајте колку шишенца јас треба да купам од аптека за да го има истиот ефект“ - истакнува еден болен граѓанин кој се лекува со масло за Вечер.мк. Она што требаше да биде спас или барем олеснување за најтешко болните повторно стана проблем, пред се` поради цената, но и поради нискиот квалитет поради кој фармацевтскиот екстракт од канабис нема скоро никаков ефект врз пациентите. За истата сума, но нелегално може да се набави барем масло со слично количество, во кое нивото на главните канабиноиди кои директно влијаат врз болестите и нивните симптоми се десеткратно поголеми. Затоа многумина откако видоа колку е часот и откако сфатија дека Реплек ги лаже, повторно се вратија на стариот начин на набавка на маслото, како и пред легализацијата, а со тоа го кршат законот и се принудени законот да ги третира како криминалци. 

ДОМ со своја поддршка
Покрај болните лица, нивните семејства и сите корисници и љубители на канабисот кај нас, на страната на легализацијата со своја поддршка застанаа многу јавни личности, невладини организации, формални и неформанлни здруженија на граѓани, но и политички партии и движења. ДОМ јавно застана на наша страна со соопштение, го поддржа легализирањето на употребата на медицински канабис и поднесе редица амандмани за поголема достапност за болните по пониски цени. „Тогаш беа одбиени амандманите, но време е да се преиспита законот и во него да се интервенира“ - велат во своето најново соопштение до јавноста. На нивната официјална Веб страница апелираат дека со апсење на активистите се оди само назад во целиот процес на легализацијата на канабисот во Македонија. Тие велат дека наместо прогон, потребен е пристап до медицинскиот канабис за болните. 

ДОМ апелира до институциите за прогон да не се занимаваат со гонење на граѓани кои за свое лекување или за лекување на други болни лица бараат начин како да дојдат до медицински канабис. „Сметаме дека неправедно се малтретираат луѓе како Филип Достовски од организацијата за медицински канабис „Зелена Алтернатива“. Наместо прогон потребен е побрз и поевтин пристап до медицинскиот канабис за болните лица. Тоа значи дека е потребно да се либерализира целата постапка за производство на овие препарати, се разбира, со конрола од државата. Но, мора да се обезбеди пониска цена за лекот, по можност од домашно производство“ - истакнуваат од Секторот за односи со јавност на ДОМ.

Филип Достовски не е дилер! Тој е еден од Македонците кои својот втор живот му го должат на маслото од канабис. Тој важи за еден од најгласните активисти и не крие дека им помага на пациентите да научат како се екстрахира маслото за кое многумина тврдат дека им помага во борбата со тешки болести. Достовски бил дијагностициран со рак на 15 годишна возраст. По неколкуте неуспешни обиди да се излекува со конвенционални лекови се обидел со маслото од канабис, по што ракот целосно исчезнал. Тврди не се станува зависен од маслото, а успехот е кај над 70% од болните. Судии, лекари, адвокати и полицајци, се само дел од луѓето на кои Филип секојдневно им помага и ги обучува како сами да си го направат лекот во својот дом. Тоа се само дел од луѓето кои ги користат предностите на овој вид на лекување, во голем дел со голема успешност и тоа кај различни видови на рак, мултиплекс склероза, епилепсија, ХИВ, па дури и различни видови на повреди, се болестите каде маслото од канабис може да помогне. Погледнете што за оваа проблематика раскажува Филип Достовски, член и активист на Зелена Алтернатива за Zase.mk:


Инаку, Достовски со години наназад се бори за легализација на канабисот и преку „Зелена Алтернатива“ со екстракти од канабис помага на стотици граѓани со најразлични болести. Истовремено, целта на Здружението е и да шири знаење, да информира и да ги едуцира граѓаните како сами да си помогнат употребувајќи ја оваа билка, која уште одамна пред законските забрани игра важна улога во човековиот опстанок и наоѓа најразлична примена во медицината, но и за продукција на храна за луѓе и добиток, легло за добиток, влакна, восок, хартија, облека, пластика, гориво, хемкрит (хигли од коноп), лекови, козметика...

„Зелена Алтернатива“ е буден учесник во креирањето на посебна свест за користењето на канабисот. Работи на охрабрување, наместо стигматизација. Отворен пристап за екстракт од канабис, наместо токсични лекови. Меѓу другото, се заложува болните деца бесплатно да добиваат масло од канабис. Здружението на неколку пати потенцираше дека во Македонија расте автохтон коноп, со силен потенцијал за третирање епилепсија, па апелираше да се одгледува домашен канабис и да се користи овој извор, наместо да се увезува од странство. Исто така, „Зелена Алтернатива“ на повеќе пати учестува и во јавни дебати, домашни и меѓународни трибини, а и самото здружение на три пати организираше информативно-едукативни семинари за демистификација на канабисот. Таму со свои предавања учестуваа светски експерти, научници и активисти како: Рик Симпсон, Пол Хорнби, Лумир Хануш, Роберт Џ. Меламед, Илија Резник и многу излечени пациенти кои јавно ги споделуваа своите искуства. 

Научните истражувања во светски рамки уште од многу одамна покажуваат дека канабисот има позитивни ефекти врз низа болести како: сида, секаков вид на канцер, мултиплекс склероза, аутизам, епилепсија, ПТСД, анксиозност, депресија, несоница, главобилки и други хронични и еднократни болки, анорексија и голем број на автоимуни болести. Употребата на маслото од канабис во Македонија е јавна тајна. Илјадници луѓе секојдневно го користат овој природен лек успешно борејќи се со своите хронични и други тешки болести (многу од нив настанати поради ендоканабиноиден дефицит), додека пак, речиси цела Македонија оваа билка ја консумира во рекреативни цели. Ова можеме да го потврдите со секојдневната комуникација преку нашата фан страница на Фејсбук (www.facebook.com/420macedonia) со болните и останатите здрави фанови, кои своето здравје го одржуваат токму пушејќи марихуана и консумирајќи ја на други начини.

No comments:

Post a Comment