Бидејќи дилемата околу концентрацијата на канабиноиди во различните делови од растението не остана само на FB расправија со вработени во Реплек, туку продолжи и со рекламна кампања пласирана во медиумите, обврска ни е да ги расчистиме овие неточни информации кои допираат директно до многу наши сограѓани кои за разлика од повеќето од вас кои се поинформирани, немаат доволно познавање во оваа област и ќе ги примат овие информации како факт (здраво за готово). Секако дека повод за ова е и да се покаже какво е познавањето на фармацевтите кои моментално се единствените кои пласираат производ од коноп на нашиот пазар и во своите реклами и промоции на прозводите, гласно нагласуваат детали кои се неточни, контрадикторни и непроверени.
Пред да преминам на она за што доста се дебатираше во групава (иако коментарите потоа беа избришани од личноста која ги постираше) и е повод за текстов, како што спомнав на почетокот, би започнал со цитирање на еден дел од текстот објавен во Макфакс, изјава од компанијата. „Канабисот како растение има над 400 фитокомпоненти од кои минимум 60 се канабиноиди, како и терпени, флавоноиди, фитостероли, омега масни киселини (омега-3, омега-6, омега-9) во најдобар здравствен сооднос, аминокиселини, азотни соединенија, гликозиди, витамини (А, B1, B2, B6, C, D, Е, F), пигменти, алкани, азотни соединенија и други компоненти, кои се распоредени во различни делови од растението“. Од овој краток извадок на прв поглед се гледа од кое време е знаењето на фармацевтите кои работат таму, бидејки последните податоци говорат за досега откриени 141 канабиноид, со вкупен број од околу 1040 фитокопмоненти.
Но, мислам дека овој податок и не треба така да не` зачудува кога ќе видиме што понатаму изјавуваат. Поводот за сево ова: „Во однос на содржината на канабиноидите како основни активни супстанци на растението, цветовите и тоа женските цветови содржат повисок процент на delta-9-tetrahydrocannabinol, познат како THC, кој поседува психотропни својства и е одговорен за досегашниот третман на растението како средство за уживање. Лисјата ги содржат главно канабиноидите CBD (cannabidiol), CBN (cannabinol), CBG (Cannabigerol) и нивните карбоксилни соединенија, кои не поседуваат психотропни својства, но и THC во помал процент отколку цветовите“.
Овде се формира лекот - канабиноидите! |
Ќе се потрудам да бидам што пократок. Прво да разјасниме една проста работа, која очигледно е непозната на дел од нашите фармацевти. Прва и основна причина поради која не може да се направи дистинкција помеѓу составот на канабиноиди во цвет и во лист, во смисла на различни канабиноиди во различни делови од растението, е тоа што канабиноидите воопшто не се создаваат ниту во листот ниту во цветот. Канабиноидите се создаваат во трихомите кои претставуваат жлезди кои лачат смола во која се создаваат сите канабиноиди и терпени, како главни лековити состојки на растението. Трихомите претставуваат одбранбен механизам на растението за заштита првенствено од УВ зраци (затоа што повисоко е УВ зрачењето има поголема концентрација на трихоми), но и од разни инсекти, како и одредени видови на габи и мувла. Тие се наоѓаат на надворешната обвивка на цветовите, листовите и другите делови на растението, а не директно во нив. Со самото тоа што имаат заштитна улога се подразбира дека се присутни насекаде во растението, но од еволуциска гледна точка секако дека најмногу се сконцентрирани таму каде што е најпотребно за да може да се продолжи биолошкиот циклус - во цветовите, каде што се создава семето.
Реплек може вода да му носи на екстрактот што можеш да си го направиш дома сам/а! |
Но, да не биде дека сето ова го говориме само теоретски, најубаво е да се покаже со директни докази. Иако налетав на многу студии и анализи, долго размислував кои најмногу би се земале за релевантни, бидејќи од нашето досегашно искуство, повеќето од нашите експерти не ги признаваат. Па, затоа одбрав да земам за пример факти од студии објавени на страната на UNODC (канцеларија на ОН за дроги и криминал) од две причини. Првата, поради тоа што сепак се работи за една од највисоките инстанци на ОН за дроги (бидејќи нели според ОН се` уште на канабисот му е тука местото), но и поради фактот што овие студии се направени на крајот на 60-тите, а објавени во 1971, што значи и најстарите фармацевти кај нас, доколку сакаат да дискутираат на оваа тема, треба да бидат запознаени со овие податоци. Секако и поради тоа што во оваа анализа се гледа концентрацијата токму на канабидиолот (CBD), нешто што ја предизвика дебатата.
Во анализата се земени примероци од канабис земен од различни делови од светот, некој одгледуван за пушење, друг за стебло, односно влакна, семе итн. Она што е карактеристично е дека кај сите видови, количината на канабидиол, скоро правопропорционално се намалува во различните делови од растението (освен кај оние кои веќе произвеле семе).
Еве ги резултатите и заклучокот од анализата:
Cannabinoid contents %
Sample and plant part CBD Δ1-THC
Beirut 26.4.1969
Flowers 2.6 0.06
Upper leaves 1.8 0.00
Large leaves 0.2 0.03
Stem 0.2 0.00
Bekaa 19.6.1969
Flowers 2.4 0.5
Upper leaves 1.1 0.1
Large leaves 0.3 0.1
Stem 0.1 0.0
Bekaa 26.6.1969
Flowers 2.8 0.04
Upper leaves 1.4 0.04
Large leaves 0.4 0.02
Stem 0.2 0.01
Hizzine 3.9.1969
Flowers (fruits) 0.3 0.4
Upper leaves 1.0 0.7
Large leaves 0.2 0.2
Stem 0.1 0.1
Caucasus/Sweden 1.10.1969
Flowers (fruits) 0.5 0.1
Upper leaves 0.5 0.1
Large leaves 0.1 0.01
Stem 0.02 0.01
Turkey/Sweden 1.10.1969
Flowers (fruits) 0.8 0.02
Upper leaves 0.5 0.01
Large leaves 0.7 0.02
Stem 0.03 0.00
Bratislava/Sweden 1.10.1969
Flowers (fruits) 0.7 0.02
Upper leaves 0.5 0.02
Large leaves 0.4 0.01
Stem 0.00 0.00
Flowers – се цветовите, кои кај некои од сортите биле и со плод - семе;
Upper leaves – малите листови кои се наоѓаат околу самите цветови;
Large leaves – големите листови;
Stem – Стебло.
Од Бога е дадена. Свештените лица тоа го знаат! |
Заклучокот на целата анализа на UNODC е цитирам: „Нашите податоци покажуваат дека канабиноидите се присутни во сите делови од растението. Пресметано во сув материјал, канабиноидите се најмногу присутни во цветовите, како и во малите листови кои се околу цветовите“. Од оваа анализа јасно се гледа дека не е точно дека ТHC-то настанува во цветовите, а CBD-то во листовите, бидејќи е очигледно дека и CBD-то, како и ТHC-то се најбројни во цветовите, па во помали количини во помалите листови околу цветовите и се` помалку во поголемите листови. Тоа е токму во корелација со она што „теоретски“ ви го објаснив за трихомите.
Другата студија е направена во Канзас, САД и исто така се работи за канабис со поголема концентрација на CBD, затоа и ја одбрав. Ќе го пренесам заклучокот: „Анализата е направена за четири главни канабиноиди, cannabidiol (CBD), della-8-tetrahydrocannabinol (delta-8-THC), delta-9-tetrahydrocannabinol (delta-9-THC), и cannabinol (CBN). Канабиноидите беа најбројни во цветовите па прогресивно се намалуваа во листовите, петиолите, стеблото, семето и корењата“. Повторно доаѓаме до ист заклучок, дека воопшто не е точно дека ТHC-то е најбројно во цветовите, а CBD-то во листовите, туку концентрацијата на ТХЦ и ЦБД зависи главно од генетиката на растението, а вкупниот износ на канабиноиди зависи од трихомите.
Биди во тек! Едуцирај се! Информирај се! |
Освен овие студии кои треба да се доволен доказ за тоа каков е составот на канабиноиди во различни делови од растението, дополнителен доказ е и што производителите на квалитетни CBD масла во светот, тоа го прават преку екстракција на CBD-то од цветовите, најчесто преку CO2 екстракција, но затоа ќе има посебен текст, каде што ќе направиме споредба помеѓу странски производи и нашето масло со CBD.
За крај би додал само дека во текстот самите фармацевти нагласуваат: „Присуството на CBD, CBN, CBG, THC и останатите канабиноди во минорни количества заедно со терпените и флавоноидите е особено значајно поради нивното синергистичко делување и со останатите биолошки вредни компоненти во канабисот, што го прават маслото од канабис исклучително корисно во превенција и лекување на многу болести и состојби на човечкиот организам“. Значи свесни се дека за лековитост е потребен т.н. екстракт од цело растение, а го продаваат маслото, во кое самите велат дека нема ТHC, а велат може да помогне кај ХИВ, малигни заболувања и МС, болести за кои знаеме дека за лекување е потребно ТHC и тоа со многу висок процент! Со оваа изјава се контрадикторни сами по себе.
Како последно што ми остава впечаток во овој рекламен текст, е тоа што велат дека нивното масло содржи терпени. Значи не може да се даде таква изјава за продукт од канабис без да се објасни точно кои терпени ги содржи. Точно е дека за терпените не е потребно концентрацијата да биде истакната, но мора да се нагласи кои терпени ги содржи бидејќи различни терпени делуваат различно, на различни болести, тегоби и состојби. Истото се однесува на изјавата дека во маслото ги има и останатите канабиноиди, CBN, CBG. Доколку има значителна количина од овие канабиноиди, треба да се нагласи и нивната концентрација во екстрактот. Доколку ги нема во значителни количини не може да се нагласуваат во составот, бидејќи ги нема во доволно количевство за да има лековит ефект.
ЗА продолжува со борбата, а 420macedonia продолжува со информирање и поддршка! |
Мислам дека од погоре изнесеното може да се заклучи до каде е знаењето на фармацевтите кои моментално се единствените кои легално произведуваат масло од канабис на македонскиот пазар. Жално е да се помисли какви производи ќе добиваме во иднина и по која цена, ако продолжи да ги пласира компанија чии фармацевти без срам во јавност излегуваат со лажни информации претставени како факти, информации за кои гледаме дека уште од 70-тите години на минатиот век знаеме дека не се точни. Дополнително ќе имаме анализа на масла од CBD и како се изработуваат, како и нивниот состав.
* Линк до текстот од Макфакс: http://makfax.com.mk/zanimlivosti/zdravje/kanabisot-pomaga-kade-sto-konvencionalnata-medicina-nema-potpolni-resenija
No comments:
Post a Comment