Sunday, April 17, 2016

Една од целите на Родна Партија е декиминализацијата на канабисот!

Пронајдено е решение за многу од нашите заеднички проблеми, вклучувајќи го и овој со канабисот. 


Да ги ослободиме сите билки!
Решението се нарекува „Родов Имот“, сплотеност, љубов и мир помеѓу секој жител на Република Македонија. Родна Партија е новата политичка опција во Македонија чија главна цел е враќањето на вистинските општествени вредности на правото место. Оваа нова партија е формирана од млади луѓе на кои им е здосадена моменталната ситуација во нашата земја и кои сакаат темелна промена. 

Овие млади луѓе беа доволно храбри да останат на овие наши простори и да не заминат во странство барајќи подобра иднина за себе на друго место. Тие беа доволно храбри и разумни за да сфатат дека нема бегање од ништо и среќата не се бара надвор, туку дека таа доаѓа од внатре, па затоа одлучија да започнат со менувањето на иднината на нашата поременета држава од нејзиниот корен - започнувајќи од индивидуата и семејството. Овие високо образовани млади луѓе сфатија дека промената нема да се случи со кукање и офкање колку ни е лоша државата, затоа што на тој начин привлекуваме РМ да стане уште полоша. 

Основачите на Родна Партија се свесни вибрациски битија кои знаат дека доброто со добро се враќа и промената што започнаа да ја креираат знаат дека мора да се постигне на мирен начин - со љубов и добрина, а не со крвопролевање како до сега! Една од целите на Родна Партија е декиминализацијата на канабисот, затоа што тоа е само една обична лековита билка што секој треба да има право самостојно да си ја одгледува и да научи повеќе што е тоа пермакултурно живеење

„Родовиот имот“ е природно пространство од 1 хектар земја на кое човекот во соработка со останатиот жив свет (птиците, растенијата, пчелите, сонцето и ветрот) е способен да си создаде радосен, богат и самоодржлив начин на живот. За таа цел се основа Родна Партија: канабисот е природно растение исто како нането, липата, црешата, брезата, пиперот и доматот... Природата е една хармонична целина во која секое цветче, животинче, бубалче и растение си има своја улога. Некои од растенијата го прочистуваат воздухот наменет за дишење, некои растенија имаат витамин А, Б или Ц, некои имаат магнезиум, а некои ТХЦ. 

Државата нема право да му забрани на човекот да си исечка кромид во шопската салата!? Докажано е дека канабисот помага при разни заболувања. Државата го забранува лекот за луѓето... Па, еве реален и практично изводлив план за дејствување - Родна Партија. За да се основа политичка партија потребни се 1.000 потписи заверени на нотар (150 ден.) и државјанство не постаро од 3 месеци (170 со картичка или 220 во кеш). Се` на се` 30 минути и 370 денари. Ситуацијата во која се наоѓаме нема да се промени сама од себе, ние сме тие што треба да ја направат промената. Време е да започнеме да садиме со љубов и радост, без страв и притисок од општеството.

Македонија ќе биде среќна само доколку сите поединци во неа се среќни. Македонија е спремна за промена, а промената зависи од секој поединец! Не игнорирај и направи добро дело денес и стави го својот фокус на она што го сакаш, а не на она што ти пречи! Можеби не можеш да ги нахраниш сите гладни, но можеш да нахраниш еден. Секое море започнува со една капка. Ако му помагаш на ближниот, си помагаш сам/а на себе. Поддржи ја Родна! Поддржи ја промената. Споделувањето на овој текст ќе те чини само еден клик. Затоа длабоко размисли, освести се и сподели го овој текст за сите да можат да се освестат и наскоро спокојно да уживаат во убавините на Македонија со џоинт во рака каде и да посакаме. 420macedonia им дава поддршка на сите кои се борат за легализација!

Sunday, April 10, 2016

Реакција на предавањето на Здружението на приватни лекари на РМ на тема медицински канабис

Активистот Давор Ангеловски од Здружението „Зелена алтернатива“ со писмо се обраќа до сите поддржувачи на ова здружение, но и до целата јавност испровоциран од настанот што се одржа на 7 април (Светскиот ден на здравјето) во Даре Џамбаз - „Предавање на Здружението на приватни лекари на РМ на тема медицински канабис“. Активистот раскажува за целиот настан и прави паралела со одделни истражувања и актуелната состојба со канабисот, зборува за презентираните информации, за недостатоците, позитивните работи, но и интересот на инволвираните во целата проблематика


Фотографија од предавањето

„За оние кои ги интересира малку повеќе за случувањата на предавањето на Здружението на приватните лекари на Р.М. на тема канабис одржано вчера:
Драги поддржувачи на „Зелена алтернатива“. Вчера со Филип имавме можност да посетиме едно предавање на тема канабис во салата „Даре Џамбаз“ кое го одржа Здружението на приватни лекари на Република Македонија, а кое се одржа во склоп на прославата и одбележувањето на денот на здравјето - 7 Април. Зошто баш одбрале на овој ден да одржат предавање за канабисот или како тие го беа нарекле „медицинска марихуана“ се` уште претставува и ќе остане мистерија и за нас двајцата. Полупразна сала, еден медиум и неколку спикери на бината, сите постари од 60 години - беше сликата која ја затекнавме кога пристигнавме и иако доцневме половина час предавањето се` уште не беше почнато, бидејќи се чекаше пристигнувањето на директорот на ФЗОМ кој требаше да се обрати на почетокот. Бидејќи најавија дека ќе доцнат уште петнаесетина минути, решивме да искочиме до надвор на една кратка „пуш“ пауза и на врата една постара госпоѓа, една од тие над 60-ката не` запраша дали сме го утнале предавањето на што Филип и одговори дека напротив, дојдовме да видиме што и колку научиле.
Кратко по паузата, предавањето конечно започна со говор на дотичната госпоѓа, која се восхитуваше на сето она што Министерството за здравство и ФЗОМ чиј директор веќе беше пристигнат, го направиле во последните години, како редовно ги земаат своите плати без доцнење и не заборави да напомене дека во минатото не било така. После едно подолго фалење на присутниот директор, на кој искрено мислам дека му падна и незгодно од толку пофалби и убави зборови, а можеби и му годеше, само тој си знае, конечно дојде ред и тој да каже по некој збор. На наше големо зачудување, само што стапна на бината, по поголемо шушкање од вратарите и луѓето од организацијата, еден од нив се приближи до проекторот и го покри знакот кој проектираше слика од лист на канабис (кој можете да го видите на сликата погоре), за да случајно директорот на ФЗОМ да не даде изјава пред така страшно нешто како добро познатиот зелен лист. Изјавата беше комплетно посветена на денот на здравјето и неговата прослава, како и на опасностите од дијабетесот, за кој слушнавме дека претставува голем проблем во нашата држава, меѓутоа со кој нашиот здравствен систем се справува без никакви проблеми. Во неговото обраќање немаше ниту еден збор за канабисот и за неговата медицинска употреба, темата за која што бевме дојдени.
По аплаузот, конечно предавањето можеше да почне. Добро познатиот знак повторно зрачеше од проекторот и на бината местото на говорник го превзеде една госпоѓа која беше помлада од другите и која се претстави како доктор-научник кој работи на студии кај нас, не за канабис туку за други лекови. Предавањето започна со оние основни информации кои повеќето од нас ги знаеме иако уште на почетокот при објаснувањето на видовите на канабис, можеше да се забележат грешки на говорничката и да се примети дека нејзиното знаење за темава го стекнала преку компјутер, а не со лично искуство или образование. Податоците кои ги изнесе на почетокот не кореспондираа со најновите сознанија, туку со оние добро познати артикли на интернет кои се веќе застарени и дополнети со нови откритија. Интересен момент за мене, беше што веднаш после првите неколку реченици, директорот на ФЗОМ и неговата придружба од таа институција и Министерството за здравство, си станаа и групно ја напуштија салата, очигледно немајќи никаков интерес за темата за која што се зборуваше. Веднаш по нив, салата ја напуштија и претставниците на единствениот медиум кој беше присутен. Нивната задача беше готова.
Општо, самото предавање беше во ред, иако за нас овие информации веќе беа добро познати, бидејќи се започнуваше од основите. Пријатно бевме изненадени кога краткото предавање навлезе малку подлабоко со податоци за случаи на луѓе кои користеле канабис и продукти од канабис, опишани преку графикони и слики од ЦТ снимања и магнетни резонанси, на кои се гледаше дека по користењето на канабис, туморите или значително се намалувале или потполно исчезнале. Овој факт беше од големо значење, затоа што во досегашните трибини одржани од страна на лекарите од јавното здравство, никако не смееше да се каже дека канабисот помага и може да излечи рак, туку експлицитно беше нагласувано дека може да се користи исклучиво за намалување на штетните симптоми од хемотерапијата. Беа објаснети и случаи на епилепсија кај деца, за кои беше кажано дека кај поголемиот број нападите потполно исчезнале, односно кај околу 75%, додека кај другите биле значително намалени и по бројност и по јачина. Пријатно изненади и од основното објаснување на ендоканабиноидниот систем и ендоканабиноидите и научниците одговорни за нивното откривање. Она што беше од огромно значење беше и фактот што за првпат на едно вакво предавање, организирано од лекарската фела, можевме да чуеме за употреба на масло од канабис во дози кои највеќе одговараат на оние кои луѓето реално ги користат за лекување на рак и тумори. Беа спомнати дози од по 300мг ТХЦ плус 100мг ЦБД по три пати на ден, што во суштина е многу блиску и до реалните дози со кои луѓето коишто моментално се лекуваат, постигнуваат одлични резултати.
Но мора да се признае, дека иако бевме навистина задоволни од дел од работите кои ги слушнавме, за жал, беа изнесени и доста неточни информации и погрешни насоки за кои одамна знаеме дека не се точни и дел од нив се чисто прохибиционистичка пропаганда. Па така на пример, беше спомнато дека пушењето канабис предизвикува рак на белите дробови, мит кој беше побиен уште во 1974 година кога научници имаа задача да докажат дека канабисот го уништува имуниот систем и предизвикува рак, а резултатите го покажаа сосема спротивното, дека лекува рак на бели дробови и дојка, како и леукемија индуцирана од вирус. Говорничката отиде уште подалеку па ја спореди штетноста на канабисот велејки дека еден џоинт е штетен колку 5 до 10 испушени цигари. Еден од изнесените аргументи кои никако не беа поддржани со факти беше и дека користењето на канабис за време на бременоста може да доведе до развој на леукемија во првите години од развојот кај децата од мајките корисници. Ова тврдење не беше поткрепено со никакви докази и аргументи туку чисто нафрлено како факт, иако е добро познато дека бебињата на мајки кои користеле канабис за време на бременоста, не се раѓаат со никакви последици, туку има и показатели дека користењето на канабис делувало позитивно на развојот на бебето. Исто беше нагласено дека таквите бебиња се раѓаат со помала тежина од нормалната.
За редовните корисници на канабис беше кажано дека имаат проблеми со меморијата, когнитивните делувања и размислувањето, нешто за што многумина од нас знаеме дека не е точно, повеќето од нас од лично искуство. Нешто што мене лично ми засмета и ми пречеше во излагањето на докторката беше објаснувањето дека лекарите ќе мора да научат како правилно да го дозираат лекот, како и времетраењето на лекувањето, каде беа спомнати смешни периоди од пола година и година. За жал на овој податок немав можност да реагирам и да ги запрашам како мислат на некој што има хроничен проблем, како во мојот случај со константна хронична невропатска болка или пак кај некој кој пати од очен притисок, лекувањето со канабис да го ограничат на 6 месеци или година дена, кога проблемите од овие болести и тегоби се постојани и нема да исчезнат после одреден период на користење на канабис, туку истиот ќе мора да се користи најверојатно и доживотно бидејќи се работи за состојби каде не постои лек со кој може да се излекуваат, туку е можно само контролирање на симптомите и болката кое успешно се врши со канабисот. Иако можеби заборавив на дел од нелогичностите и неточните информации кои беа изнесени, како последен податок би го издвоил и објаснувањето на докторката, дека моментално луѓето кои го користат овој лек го произведуваат самите дома и дека тоа никако не смее да се дозволи бидејќи, цитирам „замислете доколку сите ние си ги произведувавме лековите дома“, беше застрашувачкото објаснување на докторката.
По ова беше завршено ова и онака кратко предавање, по што говорничката ги замоли присутните да постават прашања доколку ги интересира нешто или имаат некакви нејаснотии околу предавањето. Со Филип зачудено погледнавме во себе бидејќи од сите присутни, ние бевме единствените кои креваа рака. Присутните лекари од приватното здравство немаа ниту едно прашање за предавањето, небаре разбрале се` и веќе знаат се` што е потребно на оваа тема. Прв на ред за прашања беше Филип кој најпрво најискрено им објасни на присутните дека сме пријатно изненадени од дел од податоците кои беа изнесени на ова предавање, но дека имаше и доста недостатоци, односно неточни информации. За жал, кога проба да им објасни за неточните информации за кои споменав претходно, постојано беше прекинуван од страна на говорничката, па дури `и се приклучи и еден од лекарите во публиката, па Филип баш и немаше можност да се искаже и да им укаже на грешките со најиксрени намери. Тој веднаш беше нападнат со тоа дека добил доста медиумско внимание, божем него тоа му е намерата (иако тука веќе немаше медиуми), а исто беше запрашан за тоа какво образование поседува. На ова тој им одговори мошне умешно, укажувајќи им на фактот дека истите овие доктори кои тие ги спомнуваа како лидери во истражувањата во оваа област, беа присутни на двата семинара кои ги одржа Зелена алтернатива во минатото, а ќе бидат гости и на новиот трет семинар при крајот на идниот месец и дека иако нема формално образование, знаењето го црпи директно од нив. По мала кратка расправија, говорот го презема постарата госпоѓа која ја споменав на почетокот и рече дека тоа би било тоа и дека предавањето е завршено доколку нема дополнителни прашања. На реагирањето од нас двајца дека не сме готови со прашањата, лекарката рече дека е подобро да се одржи помал состанок помеѓу главните на ова здружение и Зелена алтернатива и другите активисти, како не би ги „замарале“ присутните доктори со дебата. Замислете, слушањето на различно мислење и на лични искуства на луѓе кои се лекуваат со канабис, според нив не претставува можност за стекнување со знаење туку „замарање“ на докторите кои беа дојдени да слушаат предавање токму на оваа тема. За нас беше кажано дека сме изолирани случаи и дека нашето искуство не може да се земе за релевантно. На нашето укажување дека има илјадници што моментално се лекуваат со канабис меѓутоа од страв не излегуваат да говорат јавно, нивниот одговор беше дека не би требало да имаат страв, божем не се сеќаваме на многумина уапсени токму поради нелегално лекување на својата болест или болеста на своите најблиски.
Додека траеше метежот и луѓето почнаа да се разидуваат, успеав само на оние на трибината да им поставам две кратки прашања иако вниманието на присутните веќе беше изгубено. Ги запрашав бидејќи велат дека е страшно опасно лекот да се прави дома, како немаат ништо против тоа што повеќето од нас си прават масло од кантарион во своите домови и тоа не претставува проблем. На тоа ми беше одговорено дека и маслото од кантарион било многу опасно, на што одговорив: „да, можеби, но не е нелегално и никој нема ништо против“. На излегување, стоечки успеав и да им поставам прашање зошто воопшто Здружение на приватни лекари организира дебата за лекување со канабис, кога законот воопшто не предвидува можност тие да можат да го препишуваат, туку истото ќе биде во рацете на лекари од јавното здравство и каде беше нивната реакција кога се носеше овој закон? На ова ми одговорија дека тие реагирале до министерството за овој дел од законот. Ги запрашав како реагирале, кога не видовме ниту едно соопштение, пресконференција или ваков собир на оваа тема, нивниот одговор беше, цитирам „не се секирај, реагирано е“.
По ова, со Филип само кратко можевме да заклучиме дека присутните и организаторите воопшто не се заинтересирани за искуството на пациентите и споделување на нови знаења, туку едноставно ја беа искористиле оваа можност накратко да искочат од работа и да се видат со колегите со кои некое време не се виделе. Сепак, го поздравуваме одржувањето на ова предавање и сме искрено задоволни што и покрај многуте недостатоци, за прв пат можеше да се чујат и доста точни информации на предавање организирано од лекарската фела. Наше мислење е дека вакви предавања и дебати треба да се одржуваат почесто, како би можело што поголем број на луѓе да се запознаат со придобивките од користењето на канабис во медицински цели, меѓутоа сметаме дека на истите треба да се слушнат и мислењата на луѓе и пациенти кои имаат лично искуство во ова лекување. Или како што би рекол Филип, да се чуе и мислење на паталец, а не само гаталец. Поздрав до сите, се надевам дека успеав да ви ги доловам случувањата од вчера, за оние кои ги интересира. Доколку пропуштив нешто важно претпоставувам Филип ќе може да ме дополни. Поздрав до некоја наредна прилика“.
- изјавува граѓанскиот активист Давор Ангеловски.

Sunday, April 3, 2016

Третиот канабис семинар во Скопје при крајот на мај!

Драги наши пријатели и подржувачи. Со голема радост и гордост сакаме да ве известиме дека здружението Зелена Алтернатива ќе го организира третиот по ред семинар на тема канабис, што ќе се одржи при крајот на месец Мај

Како и на минатите два семинара, така и овој пат гости ќе бидат еминетни доктори и научници кои како експерти се признаени и добро познати како лидери на истражувањата од оваа област. Тие со нас ќе го споделат своето знаење за лековитоста на ова растение, искуствата од нивната работа и ќе ни ги презентираат најновите сознанија од многуте студии кои секојдневно се одвиваат низ светот. 

На овој семинар ќе разговараме и ќе ве запознаеме со составот и различните состојки на канабисот, како и придобивките од истите. Тема на семинарот ќе биде и целосниот потенцијал на ова растение, кое освен за медицински цели нуди можност и за употреба во индустријата, каде може да се користи за широк спектар на различни производи. 

Ќе имате шанса да ги слушнете и активистите од нашата држава и нашето соседство кои ќе се обидат да ви ја доближат сликата за борбата со која постојано се соочуваат во намерите да го ослободат ова растение од стигмата која со години го следи и спречува сите ние да можеме да уживаме во благодетите што канабисот може да ги понуди. 

Дел од семинарот ќе бидат и пациенти кои се лекувале и сеуште се лекувааат со канабис и од кои од прва рака ќе можете да чуете за моќта на ова растение и нивните лични искуства во справувањето со различни болести и тегоби кои ги погодиле нив и нивните најблиски. Зелена алтернатива ќе се потруди да ве информира и за најновите случувања поврзани со канабисот низ светот, движењата за легализација и промените кои истите ги постигнале, како и разните новитети и производи од канабис кои се користат. 

Секако дека со вас ќе бидат споделени и нашите идеи за иднината на канабисот во нашата земја и начинот на кој сметаме дека ова прашање треба да се регулира. Затоа ве покануваме да го посетите овој семинар и да ја искористите оваа можност да се запознаете и да го надополните своето знаење за оваа билка на настан кој претставува реткост на овие простори. Следете ја оваа веб страница како и фејсбук групата на Зелена алтернатива каде редовно ќе ве информираме за новостите околу овој семинар, говорниците кои ќе учествуваат, како и за новите теми за кои ќе се разговара.