Македонците не се паметни земјоделци. Ние увезуваме двојно повеќе отколку што извезуваме и имаме се` повеќе и повеќе необравотливи површини! Константната внатрешна миграција село-град придонесе нашите села да се речиси ненаселени, а обработливите површини се запустуваат или се продавани за мигрираните селани да можат да си обезбедат поудобен градски живот.
Според статистичките податоци, земјава располага со 509.000 хектари обработливо земјиште од вкупно милион хектари земјоделско земјиште. Според последните статистички податоци во 2011 година во Македонија имало 137.000 хектари необработена земја. Ако само на половина од неа би се сеел и одгледувал индустриски коноп со возможни три реколти во годината... на целава наша закржлавена транзициона земјичка во постојан прогрес ќе и` се издигне стандардот на сите полиња и ќе живнат сите индустрии.
Конопот е навистина едноставна култура за одгледување. Не бара скоро воопшто посветеност и голем труд, а исто така ризиците поврзани со неговото одгледување се сведуваат на минимум, бидејќи тој е многу издржливо растение во поглед на променливите временски услови, не бара многу вода, а што е најважно речиси и не го напаѓаат штетници! Нашето македонско поднебје создава идеални услови за одгледување на ова корисно растение, кое пред се` бара сонце, а Македонија е земја со квалитетна и плодна почва и најмногу сончеви денови во годината или 1.400 сончеви часови годишно.
Пред се` не може ни да се замисли, ниту пак, опише колку почист воздух ќе имаме во нашите презагадени градови, поради тоа што конопот има способност да апсорбира повеќе СО2 отколку дрвјата и расте побрзо од дрвјата. На дрвјата им требаат години за да пораснат, а на конопот само 3 месеци!
Потоа, ќе се отворат нови работни места во буквално сите возможни гранки од економијата - фабрики за производство на храна за луѓе и храна за добиток од коноп, фабрики за текстил од коноп (облека, платна, јажиња, вреќи...), обувки, лиена пластика, фабрики за производство на најиздржливите, најлесните и најеколошките градежни и изолациони материјали направени од коноповите влакна, потоа фабрики за производство на хартија, биодизел годиво, етерични масла, масло за јадење, лекови, фабрики за производство на додатоци за исхрана од коноп, потоа легло за добиток, како и за производство на декоративна козметика и козметика за нега на телото... и што ли уште не!
А, да не говорам и за тоа колку ќе зајакне туризмот! Нашите историски места не се доволни за привлекување на туристите. Тие се веќе видени и досадни кога земјата сама по себе е сиромашна и нема што друго да понуди за гледање, освен маките на сиромашното население. Доколку започнеме да одгледуваме коноп, сите ќе бидеме богати, здрави и среќни, а државата исто така ќе биде среќна бидејќи нејзината каса постојано ќе се полни од нашите даноци за кои ќе имаме пари да ги плаќаме :)
No comments:
Post a Comment