Showing posts with label доктори. Show all posts
Showing posts with label доктори. Show all posts

Wednesday, October 25, 2017

Програма за обука на докторите за марихуаната во Масачусетс

Македонските лекари постојано треба да се едуцираат за канабисот, нашата земји да ги испраќа во странство на обуки каде што марихуаната веќе одамна е легализирана/декриминализирана, наместо да си продолжуваат да работат во заблуди и да се едуцираат од нас активистите и новинарите. Медицинското друштво во Масачусетс обезбедува континуирана медицинска едукација за здравствените работници ширум светот и се смета за орган за медицинско образование и неодамна објави дека ќе понуди курс за користењето на канабисот за различни медицински цели


Друштвото користи наставна програма развиена од The Answer Page, веќе добро познат снабдувач на медицинско образование. Поголемиот дел од ваквите програми за медицинската марихуана од страна на државата, строго ја контролираат употребата, производството и дистрибуцијата на канабисот и медицинските производи кои содржат канабис, што е добро поради тоа што се воведуваат одредени стандарди, но сепак има низа недостатоци. Поради премногу брзиот развој на индустријата за медицинската марихуана, лекарите и останатите здравствени работници може да се соочат со потешкотии во тоа да останат во тек со потенцијалните употреби и придобивки на производите од марихуана. 


Објаснување како марихуаната може да помогне за медицинските состојби 

И лекарите-противници треба да го разбираат канабисот!
Сеопфатната програма за канабис дава вовед во канабиноидите и нивните реакции во ендоканабиноидниот систем. Оваа информација дава основа за тоа како медицинската марихуана работи во мозокот и може да се користи за менување на дисфункциите кои во крајна линија произлегуваат од активноста на мозокот. Ендоканабиноидниот систем е дел од мозокот и централниот нервен систем кој го регулира апетитот, расположението и меморијата. Тука се случуваат примарните ефекти од медицинската марихуана. 


Со тоа што ја менува рамнотежата на некои хемикалии кои природно се појавуваат во ендокриниот систем, канабисот може да се користи за:
* Намалување на нападите;
* Отстранување на болките;
* Олеснување при гадење.
Исто така, ги намалува симптомите на разни онеспособувачки состојби кои досега не можеле да се третираат.

Едуцирајте се за ЕНДОКАНАБИНОИДЕН СИСТЕМ!
Програмата на Масачусетс има за цел научно докажаните информации да им ги прикаже на лекарите и останатите здравствени работници, кои се консултираат со своите пациенти во врска со медицинската марихуана. Многу лекари ја поздравуваат можноста да го истражат третманот со канабис за нивните пациенти кои страдаат од симптоми кои не се контролираат со останатите третмани кои им се веќе достапни. Курсот од 16 чекори за медицинската марихуана ги опфаќа физичките и психолошките ефекти на марихуаната врз телото. Онлајн програмата исто така ги едуцира лекарите за историјата на канабисот и им дава насоки за тоа кога треба да се препорача третман со медицинска марихуана.



Законот во Масачусетс ги заштитува лекарите!
Сеопфатниот наставен план за канабисот (Comprehensive Cannabis Curriculum) е поставен онлајн во 16 модули. Секој модул обезбедува континуирана медицинска едукација која може да се применува на различни теми за истражување. Здравствени работници кои можат да научат многу од овој курс се:
* Лекарите;
* Лекарските асистенти;
* Фармацевтите.

Сите здравствени работници кои лекуваат пациенти можат да имаат придобивки од сеопфатниот наставен план за канабисот. Државата Масачусетс неодамна ја легализираше рекреативната употреба на марихуаната. Дури и лекарите кои не ја препорачуваат медицинската марихуана треба да имаат поголемо разбирање за нејзините ефекти врз човечкото тело. Доколку имате пациенти кои самите се лекуваат на овој начин, треба да го истражите лекот кој тие го избрале.


Придобивки на лекарите од познавањето на медицинската марихуана 

Биди добар доктор! Биди секогаш во тек! ;)
Една од најголемите придобивки од овој курс е тоа што докторите ќе бидат постојано во тек со најновите и најточни информации за тоа како делува канабисот. Многу информации кои сега се достапни за употребата на канабисот за медицински цели се обезбедени од страна на производителите или дистрибутерите кои имаат финансиски интерес да ги убедат лекарите да го препорачуваат на своите пациенти. Информациите имаат за цел да им помогнат на лекарите во лекувањето на своите пациенти. Производите од медицински канабис претставуваат нова алатка за лекарите да обезбедат повеќе опции за третирање не само на сериозни медицински состојби. 


Марихуаната служи и како лек за хроничните болести, но може да се користи и за да се намали страдањето и да се подобри квалитетот на животот на пациентот. Истражувањата на канабисот се делумно возможни, поради нецелосното разбирање на науката за мозокот, а исто така поради законската регулатива... Учењето повеќе за тоа како работат канабиноидите може да им помогне на лекарите во целокупното разбирање на хроничните болести кои предизвикуваат напади, грчеви и болки. Канабисот не може да наштети, па затоа почитувани лекари секогаш вреди да се обидете своите пациенти да ги лекувате на природен начин и да му дадете шанса на канабисот од алтернативен да стане примарен лек!


Подобар начин за справување со болката

Освести се!
Справувањето со болките е нешто што лекарите „се борат“ да го обезбедат за своите пациенти. Подоброто разбирање за тоа како болката се перцепира и може да биде блокирана од мозокот, им помага на лекарите да внесат надеж кај пациентите кои страдаат од хронични болести. Нападите честопати ги оставаат лекарите немоќни за ефикасно лекување на пациентите. Дознавањето повеќе за потенцијалната употреба  на канабисот за лекување на нападите е нова алатка за користење во борбата против нападите. Третманите за повреди на мозокот, вклучувајќи ги и акутните и долготрајните симптоми, може да се подобрат со дознавањето за тоа како канабиноидите можат да помогнат во процесот на лекувањето, а искуството потврдува дека можат само да помогнат - канабиноидите не можат да наштетат. 

Биди промената што сакаш да ја видиш!!!
Сеопфатниот наставен план ќе им овозможи на лекарите да им помогнат на своите пациенти и да ги задоволат барањата за континуирано медицинско образование. Медицинската употреба на канабисот и неговите разновидни екстракти датираат уште од многу одамна. Современата медицинска употреба на канабисот од неодамна со незапирливо темпо се развива преку државни закони кои го прават канабисот достапен само за лицата со одредени здравствени проблеми. Но, што со пациентите кои имаат потреба од канабис, а не боледуваат од сериозни дијагнози? 

Многу од канабиноидите, кои се активни состојки пронајдени во канабисот се одамна откриени. Нивните специфични употреби како и придобивките, сè уште се изучуваат и документираат и за жал на фармафијата којашто го кочи овој процес - сè уште НЕМА НИТУ ЕДЕН РЕГИСТРИРАН СЛУЧАЈ НА СМРТ ОД ТРЕВА, ниту пак некакво нарушување на здравјето... Ова е првата работа што треба да ја знаат лекарите - КАНАБИСОТ ВООПШТО НЕ Е ТОКСИЧЕН!

Автор: Ангела Т.
Извор: Marijuana Doctors

Friday, October 7, 2016

Став на ЗА за Симпозиумот на докторите за употреба на канабисот во медицински цели

Со мало оправдано задоцнување, ставот на здружението Зелена Алтернатива, искажано од страна на членот Давор Ангеловски за обуката на докторите која се одржа пред две недели е следен:

„Од 14-16 Септември оваа година се одржа стручната обука на македонските доктори на полето на медицинската употреба на канабисот, која беше дел и од симпозиумот за вториот роденден на МАЛМЕД (Македонска агенција за лекови и медицински средства). Оваа едукација беше организирана преку официјална соработка на Граѓанското здружение „Зелена Алтернатива“, МАЛМЕД и Министерството за здравство. Целта на оваа едукација беше запознавање на македонската медицинска стручна фела за примената на канабисот во медицината, индикациските подрачја, начинот на дозирање и лекување, како и најновите сознанија за користењето на канабисот во лекувањето на болести и состојби кои се` уште не се опфатени со нашиот закон.

Едукацијата на македонските доктори ја вршеа еминентни доктори од САД, Канада, Шпанија и други држави кои имаат лично клиничко искуство во третирањето на пациентите со канабис. Исто така, беа присутни и доктори и научници кои имаат учествувано и во клинички студии и креирање на продукти од канабис. Програмата дизајнирана од „Зелена Алтернатива“ беше замислена така што нашите доктори ги добијат најновите научни факти за тоа каде и на кој начин канабисот делува и помага, но да добијат и директно знаење создадено од лично искуство на доктори кои препишуваат канабис во секојдневната работа.

Како и на секој ваков голем настан, на почетокот бевме соочени со мали проблеми во организацијата кои беа решени уште првиот ден, на задоволство на сите, но сметаме дека при организирање на настан од ваков тип и големина, тоа и не е нешто непознато. За посетеноста на настанот, мора да се нагласи дека сме задоволни, бидејќи бројка од нешто повеќе од 450 доктори и медицински професионалци е одлична за настан од едукативна природа. Драго ни е што за разлика од некои слични настани, присутните навистина следеа со внимание, запишуваа белешки, фотографираа слајдови и се трудеа максимално да го искористат овој настан за да се здобијат со поголемо знаење на оваа тема.

Предавањата беа осмислени така што се опфати една целосна слика за користењето на канабисот во медицината, од основите до директни примери од клиничката пракса. Па така, Д-р Етан Русо (Ethan Russo) од САД, кој е невролог и истражувач во психофармакологија и кој има учествувано како доктор во клиничките студии за истражување и пуштање во промет на лекот од канабис наречен Sativex, убаво ги објасни основите на користењето на канабисот во медицината низ историјата, како и краток осврт на самата билка низ историјата и нејзините биоморфолошки карактеристики. Тој од своето искуство со нас го сподели своето знаење за разните препарати кои може да се користат од канабис, односно разните форми на внес, важноста за нивната точна примена како и можните несакани дејствија и интеракции помеѓу одредени лекови за кои нагласи дека се ретки и доколку канабисот правилно се употребува, лесни се за избегнување.


Основите на ендоканабиноидниот систем ги претстави Д-р Хозе Карлос Боусо од Шпанија, кој е директор на научни проекти при ИЦЕЕРС (Интернационален центар за етноботанички истражувања). Во своето предавање тој го објасни функционирањето на ендоканабиноидниот систем и зошто тој претставува систем од огромно значење за човековото здравје и нешто што дополнително треба да се истражува наредните децении. Како регулатор на другите системи неговата важност е огромна и преку делувањето на истиот, може директно да се делува на многу болести и состојби за кои современата медицина нема соодветно решение, без штетни последици и нус појави, посочи Д-р Боусо. Освен на оваа тема, Д-р Боусо зборуваше и за фармаколошките својства на канабисот, како и негово користење за разни психијатриски состојби и лекување на болести на зависности.

Мошне интересно предавање проследено со доста внимание и аплауз, беше она на Д-р Џек МекКју, професор на медицинскиот универзитет Емеритус во Сан Франциско, Калифорнија. Освен што предава на овој универзитет тој има повеќе од 30 годишно искуство како доктор во Бостон, пред да замине за Калифорнија. Првиот дел од неговото предавање беше за анти-туморните ефекти на канабисот и употребата на канабисот во борбата со канцерот. Во своето излагање тој презентираше два случаи со кои лично бил запознен, а во едниот случај и лично го третирал пациентот, од кои јасно се гледаше дека има огромни индикации дека употребата на канабисот директно влијае на канцерот како болест и преку МРИ снимки, анализи на крв и сите релевантни докази, успеа да `и покаже на македонската медицинска стручна фела, дека третирањето на пациенти заболени од канцер со канабис не треба да биде ограничено само на третирањето на нус ефектите од хемотерапијата, туку дека постојат сериозни индиции дека канабисот може да лекува рак и дека тоа е факт кој што не смее да се игнорира и понатаму. 

Тој стриктно посочи дека не смее повеќе да се гледа на некои случаи како анектдотални или изолирани случаи, кога веќе е јасно дека се работи за нешто многу повеќе. Од огромно значење беше што нашите доктори можеа да чујат директно од доктор професионалец со дозвола за препишување канабис, за неговото лично искуство во препишување на поголеми дози на канабис од 1000-2000 мг ТХЦ дневно, кои покажале одлични резултати, без некои позначајни несакани нус ефекти или токсични или пак, долгорочни последици. Драго ни е што македонската стручна јавност конечно можеше да чуе дека и по победувањето на канцерот, терапијата со одржување со канабис треба да продолжи и тоа со дози од околу 400 мг ТХЦ дневно. Ова е нешто за што ние како здружение постојано укажувавме и посочувавме но бевме сметани за лаици и нерелевантни. 


Освен анти-туморните ефекти на канабисот, Д-р МекКју објасни и за неговото лично искуство во третирање на пациенти со невролошки заболувања, со посебен осврт на невропатска болка, Паркинсонова болест и други чести невролошки заболувања каде канабисот покажува одлични резултати, подобри од оние кои ги нуди конвенционалната медицина. Интересен осврт на предавањето на Д-р МекКју беше и неговото објаснување зошто нема клинички студии и парадоксот во кој се наоѓа канабисот на тоа поле. Имено, тој многу убаво објасни дека секаде низ светот, постојано се бараат нови клинички студии од страна на лекарите за да употребуваат канабис во својата пракса, а истовремено, дали случајно или намерно, забораваат дека таквите студии се забранети во 99% од државите низ светот. Исто така, го објасни концептот и разликата на користење на една синтетичка молекула во лекување на одредена болест, наспроти користењето на арсенал природни молекули наменети да делуваат синергично како што е случајот за канабисот. Особено внимание на македонските доктори привлече и неговото објаснување на медицината базирана на докази, објаснувајки како функционира и како одреден лек или средство може да се најде во таа група, па своето предавање го заврши со анализа на прашањето дали медицината базирана на докази е спремна да го прифати канабисот?

Од огромно значење за македонските доктори беше и предавањето на докторите Жељко Пердија од Словенија и Хавиер Педраца од Шпанија, двајцата доктори кои исто како и Д-р МекКју канабисот го препишуваат секојдневно во својата пракса. Тие можеа да им ги доближат на нашите доктори нивните лични искуства во директното третирање на пациенти со канабис и тоа со кои предизвици можеби ќе се соочат во својата работа. Ги пренесоа своите првични мислења и искуства и како во случајот со Д-р Пердија, неговиот првичен скептицизам кон канабисот како медицинско средство, па се` до моментот кога ги видел првите резултати и увидел дека сепак, има нешто многу повеќе тука. Тој исто така посочи дека кога се работи за канабисот, докторите мораат да ги остават своите предрасуди и да разберат дека ова е едно ново поле, за кое треба многу допрва да се учи и кое може да им помогне во нивната работа, доколку сакаат да им помогнат на своите пациенти. Д-р Педраца со своето лично искуство на третирање на околу 30.000 пациенти успеа да им го објасни пристапот на докторите кон пациентите кои бараат да користат канабис и начинот на кој се врши еден индивидуален третман, како и важноста на негово следење за добивање оптимални резултати.

Како последно, но не и најмалку важно, беше предавањето на Д-р Пол Хорнби од Канада кој на нашите доктори им го објасни третирањето на пациентите со епилепсија, хронична болка и други болести и симптоми каде канабисот има огромна примена. Тој ја објасни важноста од квалитетни и пристапни продукти од канабис кои би требало да бидат достапни за сите кои имаат потреба. Тој објасни дека употребата на канабисот е многу поширока од она што во моментов е достапно кај нас. Дел од неговото предавање беа и различните начини на внес, со осврт на инхалирањето при третирање спазми и болка, нешто на што обрна внимание и Д-р Боусо, начин на внес кој не смее да биде игнориран од страна на медицинските лица, бидејќи е доста ефективен кога се потребни брзи и јаки ефекти.

За крај, имаше и мала сесија на прашања и одговори, каде на наше задоволство нашите доктори земаа активно учество, прашувајќи за некои работи кои им останале нејасни, како и за конкретни случаи со кои работат во моментов и за кои би биле заинтересирани да се обидат со користење на канабис. Во овој дел, за жал не се избегнаа одредени провокации од страна на една од присутните, која на многу очигледен начин проба негативно да делува на предавањата и предавачите, кои сепак со своето искуство не дозволија да бидат манипулирани и сликата беше очигледна за сите присутни. Генерално сме задоволни од овој заеднички проект на „Зелена Алтернатива“, МАЛМЕД и Министерството за здравство и како здружение сметаме дека ваквата официјална соработка треба да продолжи и понатаму. 

Уште еднаш ќе повториме дека законот претставува одлична основа за почеток, но сепак е материја на која што во иднина ќе треба многу да се работи и да се проширува, бидејќи канабисот е средство кое што може да помогне во многу повеќе болести и состојби, а не само кај оние тешко болни со терминални болести. Освен работа на проширување на полето со индикации, сметаме дека исто така треба дополнително да се работи на вакви обуки и слични едукациски проекти со цел нашите доктори да немаат страв при препишување канабис и да не се соочуваме со проблеми како оние од првите недели на препишување препарати, каде одредени доктори одбиваат да препишуваат канабис и не сакаат да се „замараат“ со учење на нешто ново, кое е дел од нивната пракса. Се надеваме дека ова беше само заокружување на првиот чекор од процесот, кој никако не смее сега да застане, но сега има добра основа докторите да започнат со препишување на продукти од канабис и преку дополнителни обуки и создавање лично искуство, да бидат посигурни и послободни при препишување на канабис. Се надеваме и дека по одржувањето на оваа обука наскоро на пазарот ќе се најдат и квалитетни продукти од канабис со соодветни концентрации и по достапни цени кои секој граѓанин кој има потреба ќе може да си ги дозволи. Нашето здружение продолжува со својата работа за исполнување на овие цели, преку едукација и информирање“ - истакнуваат од ЗА.