Friday, October 7, 2016

Став на ЗА за Симпозиумот на докторите за употреба на канабисот во медицински цели

Со мало оправдано задоцнување, ставот на здружението Зелена Алтернатива, искажано од страна на членот Давор Ангеловски за обуката на докторите која се одржа пред две недели е следен:

„Од 14-16 Септември оваа година се одржа стручната обука на македонските доктори на полето на медицинската употреба на канабисот, која беше дел и од симпозиумот за вториот роденден на МАЛМЕД (Македонска агенција за лекови и медицински средства). Оваа едукација беше организирана преку официјална соработка на Граѓанското здружение „Зелена Алтернатива“, МАЛМЕД и Министерството за здравство. Целта на оваа едукација беше запознавање на македонската медицинска стручна фела за примената на канабисот во медицината, индикациските подрачја, начинот на дозирање и лекување, како и најновите сознанија за користењето на канабисот во лекувањето на болести и состојби кои се` уште не се опфатени со нашиот закон.

Едукацијата на македонските доктори ја вршеа еминентни доктори од САД, Канада, Шпанија и други држави кои имаат лично клиничко искуство во третирањето на пациентите со канабис. Исто така, беа присутни и доктори и научници кои имаат учествувано и во клинички студии и креирање на продукти од канабис. Програмата дизајнирана од „Зелена Алтернатива“ беше замислена така што нашите доктори ги добијат најновите научни факти за тоа каде и на кој начин канабисот делува и помага, но да добијат и директно знаење создадено од лично искуство на доктори кои препишуваат канабис во секојдневната работа.

Како и на секој ваков голем настан, на почетокот бевме соочени со мали проблеми во организацијата кои беа решени уште првиот ден, на задоволство на сите, но сметаме дека при организирање на настан од ваков тип и големина, тоа и не е нешто непознато. За посетеноста на настанот, мора да се нагласи дека сме задоволни, бидејќи бројка од нешто повеќе од 450 доктори и медицински професионалци е одлична за настан од едукативна природа. Драго ни е што за разлика од некои слични настани, присутните навистина следеа со внимание, запишуваа белешки, фотографираа слајдови и се трудеа максимално да го искористат овој настан за да се здобијат со поголемо знаење на оваа тема.

Предавањата беа осмислени така што се опфати една целосна слика за користењето на канабисот во медицината, од основите до директни примери од клиничката пракса. Па така, Д-р Етан Русо (Ethan Russo) од САД, кој е невролог и истражувач во психофармакологија и кој има учествувано како доктор во клиничките студии за истражување и пуштање во промет на лекот од канабис наречен Sativex, убаво ги објасни основите на користењето на канабисот во медицината низ историјата, како и краток осврт на самата билка низ историјата и нејзините биоморфолошки карактеристики. Тој од своето искуство со нас го сподели своето знаење за разните препарати кои може да се користат од канабис, односно разните форми на внес, важноста за нивната точна примена како и можните несакани дејствија и интеракции помеѓу одредени лекови за кои нагласи дека се ретки и доколку канабисот правилно се употребува, лесни се за избегнување.


Основите на ендоканабиноидниот систем ги претстави Д-р Хозе Карлос Боусо од Шпанија, кој е директор на научни проекти при ИЦЕЕРС (Интернационален центар за етноботанички истражувања). Во своето предавање тој го објасни функционирањето на ендоканабиноидниот систем и зошто тој претставува систем од огромно значење за човековото здравје и нешто што дополнително треба да се истражува наредните децении. Како регулатор на другите системи неговата важност е огромна и преку делувањето на истиот, може директно да се делува на многу болести и состојби за кои современата медицина нема соодветно решение, без штетни последици и нус појави, посочи Д-р Боусо. Освен на оваа тема, Д-р Боусо зборуваше и за фармаколошките својства на канабисот, како и негово користење за разни психијатриски состојби и лекување на болести на зависности.

Мошне интересно предавање проследено со доста внимание и аплауз, беше она на Д-р Џек МекКју, професор на медицинскиот универзитет Емеритус во Сан Франциско, Калифорнија. Освен што предава на овој универзитет тој има повеќе од 30 годишно искуство како доктор во Бостон, пред да замине за Калифорнија. Првиот дел од неговото предавање беше за анти-туморните ефекти на канабисот и употребата на канабисот во борбата со канцерот. Во своето излагање тој презентираше два случаи со кои лично бил запознен, а во едниот случај и лично го третирал пациентот, од кои јасно се гледаше дека има огромни индикации дека употребата на канабисот директно влијае на канцерот како болест и преку МРИ снимки, анализи на крв и сите релевантни докази, успеа да `и покаже на македонската медицинска стручна фела, дека третирањето на пациенти заболени од канцер со канабис не треба да биде ограничено само на третирањето на нус ефектите од хемотерапијата, туку дека постојат сериозни индиции дека канабисот може да лекува рак и дека тоа е факт кој што не смее да се игнорира и понатаму. 

Тој стриктно посочи дека не смее повеќе да се гледа на некои случаи како анектдотални или изолирани случаи, кога веќе е јасно дека се работи за нешто многу повеќе. Од огромно значење беше што нашите доктори можеа да чујат директно од доктор професионалец со дозвола за препишување канабис, за неговото лично искуство во препишување на поголеми дози на канабис од 1000-2000 мг ТХЦ дневно, кои покажале одлични резултати, без некои позначајни несакани нус ефекти или токсични или пак, долгорочни последици. Драго ни е што македонската стручна јавност конечно можеше да чуе дека и по победувањето на канцерот, терапијата со одржување со канабис треба да продолжи и тоа со дози од околу 400 мг ТХЦ дневно. Ова е нешто за што ние како здружение постојано укажувавме и посочувавме но бевме сметани за лаици и нерелевантни. 


Освен анти-туморните ефекти на канабисот, Д-р МекКју објасни и за неговото лично искуство во третирање на пациенти со невролошки заболувања, со посебен осврт на невропатска болка, Паркинсонова болест и други чести невролошки заболувања каде канабисот покажува одлични резултати, подобри од оние кои ги нуди конвенционалната медицина. Интересен осврт на предавањето на Д-р МекКју беше и неговото објаснување зошто нема клинички студии и парадоксот во кој се наоѓа канабисот на тоа поле. Имено, тој многу убаво објасни дека секаде низ светот, постојано се бараат нови клинички студии од страна на лекарите за да употребуваат канабис во својата пракса, а истовремено, дали случајно или намерно, забораваат дека таквите студии се забранети во 99% од државите низ светот. Исто така, го објасни концептот и разликата на користење на една синтетичка молекула во лекување на одредена болест, наспроти користењето на арсенал природни молекули наменети да делуваат синергично како што е случајот за канабисот. Особено внимание на македонските доктори привлече и неговото објаснување на медицината базирана на докази, објаснувајки како функционира и како одреден лек или средство може да се најде во таа група, па своето предавање го заврши со анализа на прашањето дали медицината базирана на докази е спремна да го прифати канабисот?

Од огромно значење за македонските доктори беше и предавањето на докторите Жељко Пердија од Словенија и Хавиер Педраца од Шпанија, двајцата доктори кои исто како и Д-р МекКју канабисот го препишуваат секојдневно во својата пракса. Тие можеа да им ги доближат на нашите доктори нивните лични искуства во директното третирање на пациенти со канабис и тоа со кои предизвици можеби ќе се соочат во својата работа. Ги пренесоа своите првични мислења и искуства и како во случајот со Д-р Пердија, неговиот првичен скептицизам кон канабисот како медицинско средство, па се` до моментот кога ги видел првите резултати и увидел дека сепак, има нешто многу повеќе тука. Тој исто така посочи дека кога се работи за канабисот, докторите мораат да ги остават своите предрасуди и да разберат дека ова е едно ново поле, за кое треба многу допрва да се учи и кое може да им помогне во нивната работа, доколку сакаат да им помогнат на своите пациенти. Д-р Педраца со своето лично искуство на третирање на околу 30.000 пациенти успеа да им го објасни пристапот на докторите кон пациентите кои бараат да користат канабис и начинот на кој се врши еден индивидуален третман, како и важноста на негово следење за добивање оптимални резултати.

Како последно, но не и најмалку важно, беше предавањето на Д-р Пол Хорнби од Канада кој на нашите доктори им го објасни третирањето на пациентите со епилепсија, хронична болка и други болести и симптоми каде канабисот има огромна примена. Тој ја објасни важноста од квалитетни и пристапни продукти од канабис кои би требало да бидат достапни за сите кои имаат потреба. Тој објасни дека употребата на канабисот е многу поширока од она што во моментов е достапно кај нас. Дел од неговото предавање беа и различните начини на внес, со осврт на инхалирањето при третирање спазми и болка, нешто на што обрна внимание и Д-р Боусо, начин на внес кој не смее да биде игнориран од страна на медицинските лица, бидејќи е доста ефективен кога се потребни брзи и јаки ефекти.

За крај, имаше и мала сесија на прашања и одговори, каде на наше задоволство нашите доктори земаа активно учество, прашувајќи за некои работи кои им останале нејасни, како и за конкретни случаи со кои работат во моментов и за кои би биле заинтересирани да се обидат со користење на канабис. Во овој дел, за жал не се избегнаа одредени провокации од страна на една од присутните, која на многу очигледен начин проба негативно да делува на предавањата и предавачите, кои сепак со своето искуство не дозволија да бидат манипулирани и сликата беше очигледна за сите присутни. Генерално сме задоволни од овој заеднички проект на „Зелена Алтернатива“, МАЛМЕД и Министерството за здравство и како здружение сметаме дека ваквата официјална соработка треба да продолжи и понатаму. 

Уште еднаш ќе повториме дека законот претставува одлична основа за почеток, но сепак е материја на која што во иднина ќе треба многу да се работи и да се проширува, бидејќи канабисот е средство кое што може да помогне во многу повеќе болести и состојби, а не само кај оние тешко болни со терминални болести. Освен работа на проширување на полето со индикации, сметаме дека исто така треба дополнително да се работи на вакви обуки и слични едукациски проекти со цел нашите доктори да немаат страв при препишување канабис и да не се соочуваме со проблеми како оние од првите недели на препишување препарати, каде одредени доктори одбиваат да препишуваат канабис и не сакаат да се „замараат“ со учење на нешто ново, кое е дел од нивната пракса. Се надеваме дека ова беше само заокружување на првиот чекор од процесот, кој никако не смее сега да застане, но сега има добра основа докторите да започнат со препишување на продукти од канабис и преку дополнителни обуки и создавање лично искуство, да бидат посигурни и послободни при препишување на канабис. Се надеваме и дека по одржувањето на оваа обука наскоро на пазарот ќе се најдат и квалитетни продукти од канабис со соодветни концентрации и по достапни цени кои секој граѓанин кој има потреба ќе може да си ги дозволи. Нашето здружение продолжува со својата работа за исполнување на овие цели, преку едукација и информирање“ - истакнуваат од ЗА.

No comments:

Post a Comment