ЛОЗА: Со оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да Ве прашам – дали сметате дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?
Бранко од Фолтин: Прво, морам да кажам дека не сум стручен на темата, а овде станува збор за едно доста сензитивно и комплексно прашање. А, во принцип, мојот став е дека треба сериозно да се разговара и да се следат туѓите искуства. Голем број од балканските земји забрзано го менуваат ставот. А кај нас, секако дека треба да се забрза процесот на обелоденување на корисните својства, и да се отфрли стигмата. И повторно, барем што се однесува до медицинската употреба, соодветните институции молчат, а луѓето се снаоѓаат кој како знае и може.
Кристина Ласовска: Кога е во прашање човечки живот не постојат правила. А би требало да постојат, барем оние кои ги знаеме како вистински. Конопот од многу одамна веќе не е табу и мислам дека дегутантно е веќе прашањето за медицинската употреба. Бидејќи лично сеуште не сум имала потреба од тоа, фала му на Бога, предлагам да се пушти во медицинска употреба, па ако донесе последици нека го укинат пак. А сеуште нема забележани посериозни последици од неговата употреба, нити пак смртен случај. За разлика од хемотерапиите… Оваа тема посебно ме погодува бидејќи Свети Николе упорно е еден од градовите со најголем број на заболени од рак по жител, и смртни случаи од оваа опасна болест. Исто е небулозно да му продаваш на човек нешто што му го дала природата, но и оваа тема е многу широка, а сеуште не е доволно освестена, барем кај нас.
Гуру Харе: Па ако го следиме светскиот тренд, крајно време е да отвориме сериозна дебата.Се повеке луѓе во светот го користат маслото од канабис за лечење на различни болести, и сметам дека треба под итно да се декриминализира, за да не ги богати криминалците, како што е сега.
Александра Павлова: Во борбата со фармацевсткиот бизнис, апсолутно застанувам на страната на “зелената алтернатива” и дефинитивно сум за нејзина легализација за медицински цели.
Блажеј Атанасовски, Легија: Јас лично користам канабис периодично веќе 14 години. Под тој основ јас се инкриминирам себе си, а сум одвалил толку работа во животот и сум вложил толку труд за општо добро што сметам дека покрај вакво секојдневие и државен криминал, самите правни институции имаат кредибилитет само поради извршната сила. Не велам дека рекреативното користење на канабис не е порок, но ако е дозволен алкохолот кој ако се злоупотреби може да нанесе многу повеќе штета од канабисот контрадикторно е истиот да е нелегален. Најверојатно ќе биде нелегален се додека власта има поголема корист од тоа што истиот се запленува и враќа на црн пазар. Медицинскиот канабис пак е нешто кое треба да се истражи во светски рамки, и има можности за многу широка примена во некои сериозни болести. Значи зборуваме за луѓе кои умираат поради ригидност и страв од иновација, и некоја мрзеливост на медицинскиот персонал кај нас и пошироко. Сигурно во тоа имаат удел и фармацевтските лобија, кои чекаат момент да добијат концесија и монопол над истиот.
Тука луѓето треба да бидат свесни дека нашата биофлора, дава прилика да се одгледува коноп, не во плантажа туку во нормално опкружување и лековитото дејство го даваат полените од околните растенија, додека конопот нема никакво психоактивно дејство.
Јана Нарајана: Сметам дека канабисот треба да се декриминализира.
Борис Чулев – Чуле: Канабисот треба да се легализира под итно. За секаква употреба. Треба да се забранат цигарите и шкарт алкохолите. До пред 150 години западната медицина своите медикаменти ги произведувала на база на две растенија, коноп и афион. Одеднаш, станавме 7 милијарди луѓе на земјава, на банкарите сме им премногу, па ја измислија кемотерапијата и антидепресантите забранувајки ги овие две растенија со пропаганда дека се тешки наркотици, штетни за човекот.
Мартина Димоска: Се’ што се докажало како медицински корисно во потполност го одобрувам. Општеството знае понекогаш да има чудни стеги и да е толку многу нерационално конзервативно.
Никола Јакимовски – Пикси, Авторизација: Личен став ми е дека во најмала рака треба да се направи достапно за медицинска употреба, а потоа да се дозволи и ограничена количина за рекреативна употреба. Погрешно е да се става канабисот во исти кош со хероин и слични дроги што се закана по физичкото и менталното здравје. Без ниеден смртен случај до сега, напротив има бројни успешни третмани со канабисово масло, исто така рекреативно го користат луѓе од најразлични слоеви со најразлични професии, луѓе кои се успешни во своето занимање.
Други го користат и како лек за Алцхајмерова болест, Аутизам, Астма, Артритис итн. Па наместо државата да ги третира како криминалци, може да поработи на декриминализација односно дозвола за поседување на одредено количество над кое што самата ќе има контрола, по примерот на Чешка, Холандија и други, бидејќи милуваат да се споредуваат со развиени земји, еве им шанса. Со тоа ќе се намали стапката на криминал, продажбата ќе биде даночно запазена и под контрола на државна институција, претпоставувам ќе се отворат работни места, а ќе имаме и порелаксирана нација. Досега многу земји во светот се сведоци на позитивниот резултат од третманот на канцер со канабисово масло. Ако ништо друго кај нас барем од хумани причини треба се проба со истражувања и ако се испостави како точно, да се нуди како прописен медицински лек.
Оливер Ефремов – Etheric Loopz: Да не се зае*аваме, декриминилизација е само измислен термин за нешто што било со умисла забрането и наречено криминал наспроти други појави што предизвикале многу повеќе криминал на планетава – директно или индиректно. Во зародишот на џезот и блузот, тоа било сатанска музика. Алкохолот бил забранет, а највеќе се продавал и секој можел да набави! Ќе го оставам ова вака за размислување… Додатно, од џез можеш да умреш само ако е досаден или ако бендот што го свири не го бива. Ограничување за медицинска употреба? – Дефинитивно.
Можам само да се надевам дека сето тоа ќе се случи побрзо отколку што сите мислиме и помалку народ ќе страда од лошите каузи на општеството. Од една страна, многу ми е чудно како може воопшто да се пристапува кон темата “конзервативно” кога канабисот е отсекогаш конзумиран на различни начини. Ама ете, не е тоа која е вистината – туку тоа што треба да се каже на ТВ. А, баби како баби – не веруваат во тебе или мене туку во телевизорот. И сега, нас треба да нѝ биде срам отворено да зборуваме за тоа небаре е прва љубов од училиште, па да не се покажеме смотани пред другите… Највеќето луѓе живеат со вакви стравови, некој треба да повлече прв, па потоа ќе следат ама самоиницијација – слабо некако :] Од друга страна, сигурно не би дозволил да влезе во слободен пазар како обичен продукт или лек без рецепт. Некаде по пат тоа ќе биде злоупотребено, упропастено и одново забрането, за на крајот пак на тие што им е најпотребно и им значи живот да им биде лишено од употреба. Кон истата проблематика, за сето тоа да функционира во едно општество потребна е цела процедура од “остручување кадри” за занимавање со областа, набавка, регулирање, продажба, даноци на продажба и слични други срања. Е, ТУКА ми е стравот. Прашањето е, дали ова ќе функционира?! А, од ганџа никој не умрел, луѓе умираат само од даноци (добро… во минатото и од Алфи, ама тој број е помал) – тоа сите многу добро го знаеме.
Боро Стојановски – Analogue Resistance: Па што побргу треба да се случи ова и да не се губи ниту ден. Ако само замислимие колку луѓе дневно умираат од различни видови на рак и останати болести, не треба воопшто да се размислува дали, а и не може да страдаме од одреден број на несовесни корисници. Не смее одма затвори, чуда, закани, најдете си друг начин да ги решавате проблемиве, на сила некако не оди, на сила убавина не бива – нели? Ако стварно сакате да му помогнете на човештвото, влади на сите држави, ако стварно се грижите за нашето здравје – треба да ја легализирате билката, која што и покрај одамна докажаните чуда во медицината е билка од која можеме да произведеме буквално – сè. А со тоа ќе намалиме со производство и употреба на доста токсични материи. Плус, секоја држава ќе зима такса од контролирано производство и пуштање во употреба, а криминалот ќе се намали значително. Па дај мислам, ѕирнете накај Амстердам – од кога е легализирана, му фали ли нешто :)?
Игор Џамбазов: Сè ќе си дојде на свое место, само треба време. Најпрвин употреба на марихуаната во медицински цели, па потоа следи декриминализација (како што направија дури и некои земји од соседството), и на крајот се надевам некаква контролирана легализација. Државата може само да профитира од тоа. Се разбира, со сите законски одредби кои ќе го спречат криминалот што може да произлезе од тоа.
Јанко Илковски: Маслото треба да се продава и нема зошто да се брани, крај. За користење на канабисот јас сум за дебата, сакам дебата од релевантни фаци, доктори, професори, стручњаци, а не читачи и гледачи на јутјуби, фејсбук, кои откако изгледале два документарци иградиле став. Се работи за сериозна тема а не ”ку*ташак” играње на твитер или јутјуб. Да, сакам дебата и побрзо нека се легализира за да престанат квази стручњаците да нè гушат. Жално е што како и секогаш, на крај ќе се увиди, како и за секој друг лек, дека не лечи сè и не е решение за секој рак. Но, има таму и други агенди, да се демистифицира и декриминализира, па да се легализира неговата употреба за уживање, а не лечење. Да, сум за легализација, но во медицински цели, под лекарска контрола а не отворање кофи шопoви.
Александар Русјаков: Полицаецот што ме фати како пушам џоинт ме гледа со татковски поглед. Се наоѓам во еден наш мал, прекрасен град. Му благодарам на полицаецот што беше човечен со мене. Тогаш, навистина ми се поклопија стрелките на часовникот. Студирав книжевност, а успеав да запишам филмска режија. Личната карта ми беше во процедура, па од некој суетен ќеф ги носев двата индекса со мене. Тогаш, пред тринаесет години, кога имав дваесет, летото одлучив да одам два месеца пеш низ Македонија, да се шлаам низ градовите, да ги запознаам луѓето од селата, да преспијам во сите манастири, да се загубам низ планините, шумите и ливадите. Тогаш, буден сонував, ја читав „На пат“ од Џек Керуак, како да е Библија, го знаев напамет Ален Гинзбер и одев цели четириесет и пет дена низ Македонија, со ранец и вреќа за спиење на грбот. На една нива среде ниска планина налетав на билка марихуана. Бабата на која сакав да и побарам вода, а си работеше на нивата, ми пристапи и со насмевка ми рече: „Синко, не ми ја кради чуварката!“ Си разговарав околу половина час со неа. Ќе се обидам колку што можам поточно да ви пренесам што ми рече бабичката… Јас си ја викам чуварка, а порано ја викавме божја трева. Се одгледува без проблем, само сонце и вода и треба, синко, а понекогаш земјата и сама ја раѓа. Ни ги чува зеленчукот, овошките и житото, ниту една гадинка не им се приближува и не ни требаат модерните отрови за да ги прскаме, па ете си јадеме патлиџан од сонцето наранет. Си правиме и масло од неа, не треба да го купувам.
Кошула и пантоли ако ти направам, сто години нема да се искинат. Што и да ме заболи, чајот од чуварката ме лекува. А ете, дедово мој, понекогаш ќе си ја свитка како тутун и мирен сон си има… Ја прашувам како дедото нејзин, дали е добар, да не се тресе без тревка, дали ја малтретира по дома. Ироничен сум, сакам да го чујам баш она што ќе го чујам… Пу, пу, скраја да е, ми вели, ене го горе, со овците е… Дедото нејзин да ти имал осумдесет и девет години. Уште нешто ми кажа што никогаш нема да го заборавам… Порано и денес и божјата трева и афионот не се исти билки. Билките си се исти, да не ме разбереш погрешно, ама луѓето направија да не се исти. Кога си беа наши, тие ни беа живот, кога државата ни ги зема, станаа дрога… И благодарам на бабичката за просветлението. Подоцна истражував и сам. Томас Џеферсон, претседател на САД и масон има патентирано алатка за двоење на цветот од гранките на канабисот. Првите автомобили на „Форд“ возеле на канабисово гориво. Најквалитетната хартија се правела од божјата трева. Што земјата сама ја раѓа. Значи, не требало нафта за храна, не требало да се сечат шумите, не требале аптеки. Ама гадовите го окупираа светот и божјата трева во почетокот од педесетите години на дваесеттиот век стана зло.
Овој текст е целосно преземен од порталот ЛОЗА. Бог да ја награди нивната редакција затоа што ја детабуизираат темата за ослободување на забранетиот растителен лек канабис, што не може да наштети, а може многу да помогне!