Sunday, April 17, 2016

Една од целите на Родна Партија е декиминализацијата на канабисот!

Пронајдено е решение за многу од нашите заеднички проблеми, вклучувајќи го и овој со канабисот. 


Да ги ослободиме сите билки!
Решението се нарекува „Родов Имот“, сплотеност, љубов и мир помеѓу секој жител на Република Македонија. Родна Партија е новата политичка опција во Македонија чија главна цел е враќањето на вистинските општествени вредности на правото место. Оваа нова партија е формирана од млади луѓе на кои им е здосадена моменталната ситуација во нашата земја и кои сакаат темелна промена. 

Овие млади луѓе беа доволно храбри да останат на овие наши простори и да не заминат во странство барајќи подобра иднина за себе на друго место. Тие беа доволно храбри и разумни за да сфатат дека нема бегање од ништо и среќата не се бара надвор, туку дека таа доаѓа од внатре, па затоа одлучија да започнат со менувањето на иднината на нашата поременета држава од нејзиниот корен - започнувајќи од индивидуата и семејството. Овие високо образовани млади луѓе сфатија дека промената нема да се случи со кукање и офкање колку ни е лоша државата, затоа што на тој начин привлекуваме РМ да стане уште полоша. 

Основачите на Родна Партија се свесни вибрациски битија кои знаат дека доброто со добро се враќа и промената што започнаа да ја креираат знаат дека мора да се постигне на мирен начин - со љубов и добрина, а не со крвопролевање како до сега! Една од целите на Родна Партија е декиминализацијата на канабисот, затоа што тоа е само една обична лековита билка што секој треба да има право самостојно да си ја одгледува и да научи повеќе што е тоа пермакултурно живеење

„Родовиот имот“ е природно пространство од 1 хектар земја на кое човекот во соработка со останатиот жив свет (птиците, растенијата, пчелите, сонцето и ветрот) е способен да си создаде радосен, богат и самоодржлив начин на живот. За таа цел се основа Родна Партија: канабисот е природно растение исто како нането, липата, црешата, брезата, пиперот и доматот... Природата е една хармонична целина во која секое цветче, животинче, бубалче и растение си има своја улога. Некои од растенијата го прочистуваат воздухот наменет за дишење, некои растенија имаат витамин А, Б или Ц, некои имаат магнезиум, а некои ТХЦ. 

Државата нема право да му забрани на човекот да си исечка кромид во шопската салата!? Докажано е дека канабисот помага при разни заболувања. Државата го забранува лекот за луѓето... Па, еве реален и практично изводлив план за дејствување - Родна Партија. За да се основа политичка партија потребни се 1.000 потписи заверени на нотар (150 ден.) и државјанство не постаро од 3 месеци (170 со картичка или 220 во кеш). Се` на се` 30 минути и 370 денари. Ситуацијата во која се наоѓаме нема да се промени сама од себе, ние сме тие што треба да ја направат промената. Време е да започнеме да садиме со љубов и радост, без страв и притисок од општеството.

Македонија ќе биде среќна само доколку сите поединци во неа се среќни. Македонија е спремна за промена, а промената зависи од секој поединец! Не игнорирај и направи добро дело денес и стави го својот фокус на она што го сакаш, а не на она што ти пречи! Можеби не можеш да ги нахраниш сите гладни, но можеш да нахраниш еден. Секое море започнува со една капка. Ако му помагаш на ближниот, си помагаш сам/а на себе. Поддржи ја Родна! Поддржи ја промената. Споделувањето на овој текст ќе те чини само еден клик. Затоа длабоко размисли, освести се и сподели го овој текст за сите да можат да се освестат и наскоро спокојно да уживаат во убавините на Македонија со џоинт во рака каде и да посакаме. 420macedonia им дава поддршка на сите кои се борат за легализација!

Sunday, April 10, 2016

Реакција на предавањето на Здружението на приватни лекари на РМ на тема медицински канабис

Активистот Давор Ангеловски од Здружението „Зелена алтернатива“ со писмо се обраќа до сите поддржувачи на ова здружение, но и до целата јавност испровоциран од настанот што се одржа на 7 април (Светскиот ден на здравјето) во Даре Џамбаз - „Предавање на Здружението на приватни лекари на РМ на тема медицински канабис“. Активистот раскажува за целиот настан и прави паралела со одделни истражувања и актуелната состојба со канабисот, зборува за презентираните информации, за недостатоците, позитивните работи, но и интересот на инволвираните во целата проблематика


Фотографија од предавањето

„За оние кои ги интересира малку повеќе за случувањата на предавањето на Здружението на приватните лекари на Р.М. на тема канабис одржано вчера:
Драги поддржувачи на „Зелена алтернатива“. Вчера со Филип имавме можност да посетиме едно предавање на тема канабис во салата „Даре Џамбаз“ кое го одржа Здружението на приватни лекари на Република Македонија, а кое се одржа во склоп на прославата и одбележувањето на денот на здравјето - 7 Април. Зошто баш одбрале на овој ден да одржат предавање за канабисот или како тие го беа нарекле „медицинска марихуана“ се` уште претставува и ќе остане мистерија и за нас двајцата. Полупразна сала, еден медиум и неколку спикери на бината, сите постари од 60 години - беше сликата која ја затекнавме кога пристигнавме и иако доцневме половина час предавањето се` уште не беше почнато, бидејќи се чекаше пристигнувањето на директорот на ФЗОМ кој требаше да се обрати на почетокот. Бидејќи најавија дека ќе доцнат уште петнаесетина минути, решивме да искочиме до надвор на една кратка „пуш“ пауза и на врата една постара госпоѓа, една од тие над 60-ката не` запраша дали сме го утнале предавањето на што Филип и одговори дека напротив, дојдовме да видиме што и колку научиле.
Кратко по паузата, предавањето конечно започна со говор на дотичната госпоѓа, која се восхитуваше на сето она што Министерството за здравство и ФЗОМ чиј директор веќе беше пристигнат, го направиле во последните години, како редовно ги земаат своите плати без доцнење и не заборави да напомене дека во минатото не било така. После едно подолго фалење на присутниот директор, на кој искрено мислам дека му падна и незгодно од толку пофалби и убави зборови, а можеби и му годеше, само тој си знае, конечно дојде ред и тој да каже по некој збор. На наше големо зачудување, само што стапна на бината, по поголемо шушкање од вратарите и луѓето од организацијата, еден од нив се приближи до проекторот и го покри знакот кој проектираше слика од лист на канабис (кој можете да го видите на сликата погоре), за да случајно директорот на ФЗОМ да не даде изјава пред така страшно нешто како добро познатиот зелен лист. Изјавата беше комплетно посветена на денот на здравјето и неговата прослава, како и на опасностите од дијабетесот, за кој слушнавме дека претставува голем проблем во нашата држава, меѓутоа со кој нашиот здравствен систем се справува без никакви проблеми. Во неговото обраќање немаше ниту еден збор за канабисот и за неговата медицинска употреба, темата за која што бевме дојдени.
По аплаузот, конечно предавањето можеше да почне. Добро познатиот знак повторно зрачеше од проекторот и на бината местото на говорник го превзеде една госпоѓа која беше помлада од другите и која се претстави како доктор-научник кој работи на студии кај нас, не за канабис туку за други лекови. Предавањето започна со оние основни информации кои повеќето од нас ги знаеме иако уште на почетокот при објаснувањето на видовите на канабис, можеше да се забележат грешки на говорничката и да се примети дека нејзиното знаење за темава го стекнала преку компјутер, а не со лично искуство или образование. Податоците кои ги изнесе на почетокот не кореспондираа со најновите сознанија, туку со оние добро познати артикли на интернет кои се веќе застарени и дополнети со нови откритија. Интересен момент за мене, беше што веднаш после првите неколку реченици, директорот на ФЗОМ и неговата придружба од таа институција и Министерството за здравство, си станаа и групно ја напуштија салата, очигледно немајќи никаков интерес за темата за која што се зборуваше. Веднаш по нив, салата ја напуштија и претставниците на единствениот медиум кој беше присутен. Нивната задача беше готова.
Општо, самото предавање беше во ред, иако за нас овие информации веќе беа добро познати, бидејќи се започнуваше од основите. Пријатно бевме изненадени кога краткото предавање навлезе малку подлабоко со податоци за случаи на луѓе кои користеле канабис и продукти од канабис, опишани преку графикони и слики од ЦТ снимања и магнетни резонанси, на кои се гледаше дека по користењето на канабис, туморите или значително се намалувале или потполно исчезнале. Овој факт беше од големо значење, затоа што во досегашните трибини одржани од страна на лекарите од јавното здравство, никако не смееше да се каже дека канабисот помага и може да излечи рак, туку експлицитно беше нагласувано дека може да се користи исклучиво за намалување на штетните симптоми од хемотерапијата. Беа објаснети и случаи на епилепсија кај деца, за кои беше кажано дека кај поголемиот број нападите потполно исчезнале, односно кај околу 75%, додека кај другите биле значително намалени и по бројност и по јачина. Пријатно изненади и од основното објаснување на ендоканабиноидниот систем и ендоканабиноидите и научниците одговорни за нивното откривање. Она што беше од огромно значење беше и фактот што за првпат на едно вакво предавање, организирано од лекарската фела, можевме да чуеме за употреба на масло од канабис во дози кои највеќе одговараат на оние кои луѓето реално ги користат за лекување на рак и тумори. Беа спомнати дози од по 300мг ТХЦ плус 100мг ЦБД по три пати на ден, што во суштина е многу блиску и до реалните дози со кои луѓето коишто моментално се лекуваат, постигнуваат одлични резултати.
Но мора да се признае, дека иако бевме навистина задоволни од дел од работите кои ги слушнавме, за жал, беа изнесени и доста неточни информации и погрешни насоки за кои одамна знаеме дека не се точни и дел од нив се чисто прохибиционистичка пропаганда. Па така на пример, беше спомнато дека пушењето канабис предизвикува рак на белите дробови, мит кој беше побиен уште во 1974 година кога научници имаа задача да докажат дека канабисот го уништува имуниот систем и предизвикува рак, а резултатите го покажаа сосема спротивното, дека лекува рак на бели дробови и дојка, како и леукемија индуцирана од вирус. Говорничката отиде уште подалеку па ја спореди штетноста на канабисот велејки дека еден џоинт е штетен колку 5 до 10 испушени цигари. Еден од изнесените аргументи кои никако не беа поддржани со факти беше и дека користењето на канабис за време на бременоста може да доведе до развој на леукемија во првите години од развојот кај децата од мајките корисници. Ова тврдење не беше поткрепено со никакви докази и аргументи туку чисто нафрлено како факт, иако е добро познато дека бебињата на мајки кои користеле канабис за време на бременоста, не се раѓаат со никакви последици, туку има и показатели дека користењето на канабис делувало позитивно на развојот на бебето. Исто беше нагласено дека таквите бебиња се раѓаат со помала тежина од нормалната.
За редовните корисници на канабис беше кажано дека имаат проблеми со меморијата, когнитивните делувања и размислувањето, нешто за што многумина од нас знаеме дека не е точно, повеќето од нас од лично искуство. Нешто што мене лично ми засмета и ми пречеше во излагањето на докторката беше објаснувањето дека лекарите ќе мора да научат како правилно да го дозираат лекот, како и времетраењето на лекувањето, каде беа спомнати смешни периоди од пола година и година. За жал на овој податок немав можност да реагирам и да ги запрашам како мислат на некој што има хроничен проблем, како во мојот случај со константна хронична невропатска болка или пак кај некој кој пати од очен притисок, лекувањето со канабис да го ограничат на 6 месеци или година дена, кога проблемите од овие болести и тегоби се постојани и нема да исчезнат после одреден период на користење на канабис, туку истиот ќе мора да се користи најверојатно и доживотно бидејќи се работи за состојби каде не постои лек со кој може да се излекуваат, туку е можно само контролирање на симптомите и болката кое успешно се врши со канабисот. Иако можеби заборавив на дел од нелогичностите и неточните информации кои беа изнесени, како последен податок би го издвоил и објаснувањето на докторката, дека моментално луѓето кои го користат овој лек го произведуваат самите дома и дека тоа никако не смее да се дозволи бидејќи, цитирам „замислете доколку сите ние си ги произведувавме лековите дома“, беше застрашувачкото објаснување на докторката.
По ова беше завршено ова и онака кратко предавање, по што говорничката ги замоли присутните да постават прашања доколку ги интересира нешто или имаат некакви нејаснотии околу предавањето. Со Филип зачудено погледнавме во себе бидејќи од сите присутни, ние бевме единствените кои креваа рака. Присутните лекари од приватното здравство немаа ниту едно прашање за предавањето, небаре разбрале се` и веќе знаат се` што е потребно на оваа тема. Прв на ред за прашања беше Филип кој најпрво најискрено им објасни на присутните дека сме пријатно изненадени од дел од податоците кои беа изнесени на ова предавање, но дека имаше и доста недостатоци, односно неточни информации. За жал, кога проба да им објасни за неточните информации за кои споменав претходно, постојано беше прекинуван од страна на говорничката, па дури `и се приклучи и еден од лекарите во публиката, па Филип баш и немаше можност да се искаже и да им укаже на грешките со најиксрени намери. Тој веднаш беше нападнат со тоа дека добил доста медиумско внимание, божем него тоа му е намерата (иако тука веќе немаше медиуми), а исто беше запрашан за тоа какво образование поседува. На ова тој им одговори мошне умешно, укажувајќи им на фактот дека истите овие доктори кои тие ги спомнуваа како лидери во истражувањата во оваа област, беа присутни на двата семинара кои ги одржа Зелена алтернатива во минатото, а ќе бидат гости и на новиот трет семинар при крајот на идниот месец и дека иако нема формално образование, знаењето го црпи директно од нив. По мала кратка расправија, говорот го презема постарата госпоѓа која ја споменав на почетокот и рече дека тоа би било тоа и дека предавањето е завршено доколку нема дополнителни прашања. На реагирањето од нас двајца дека не сме готови со прашањата, лекарката рече дека е подобро да се одржи помал состанок помеѓу главните на ова здружение и Зелена алтернатива и другите активисти, како не би ги „замарале“ присутните доктори со дебата. Замислете, слушањето на различно мислење и на лични искуства на луѓе кои се лекуваат со канабис, според нив не претставува можност за стекнување со знаење туку „замарање“ на докторите кои беа дојдени да слушаат предавање токму на оваа тема. За нас беше кажано дека сме изолирани случаи и дека нашето искуство не може да се земе за релевантно. На нашето укажување дека има илјадници што моментално се лекуваат со канабис меѓутоа од страв не излегуваат да говорат јавно, нивниот одговор беше дека не би требало да имаат страв, божем не се сеќаваме на многумина уапсени токму поради нелегално лекување на својата болест или болеста на своите најблиски.
Додека траеше метежот и луѓето почнаа да се разидуваат, успеав само на оние на трибината да им поставам две кратки прашања иако вниманието на присутните веќе беше изгубено. Ги запрашав бидејќи велат дека е страшно опасно лекот да се прави дома, како немаат ништо против тоа што повеќето од нас си прават масло од кантарион во своите домови и тоа не претставува проблем. На тоа ми беше одговорено дека и маслото од кантарион било многу опасно, на што одговорив: „да, можеби, но не е нелегално и никој нема ништо против“. На излегување, стоечки успеав и да им поставам прашање зошто воопшто Здружение на приватни лекари организира дебата за лекување со канабис, кога законот воопшто не предвидува можност тие да можат да го препишуваат, туку истото ќе биде во рацете на лекари од јавното здравство и каде беше нивната реакција кога се носеше овој закон? На ова ми одговорија дека тие реагирале до министерството за овој дел од законот. Ги запрашав како реагирале, кога не видовме ниту едно соопштение, пресконференција или ваков собир на оваа тема, нивниот одговор беше, цитирам „не се секирај, реагирано е“.
По ова, со Филип само кратко можевме да заклучиме дека присутните и организаторите воопшто не се заинтересирани за искуството на пациентите и споделување на нови знаења, туку едноставно ја беа искористиле оваа можност накратко да искочат од работа и да се видат со колегите со кои некое време не се виделе. Сепак, го поздравуваме одржувањето на ова предавање и сме искрено задоволни што и покрај многуте недостатоци, за прв пат можеше да се чујат и доста точни информации на предавање организирано од лекарската фела. Наше мислење е дека вакви предавања и дебати треба да се одржуваат почесто, како би можело што поголем број на луѓе да се запознаат со придобивките од користењето на канабис во медицински цели, меѓутоа сметаме дека на истите треба да се слушнат и мислењата на луѓе и пациенти кои имаат лично искуство во ова лекување. Или како што би рекол Филип, да се чуе и мислење на паталец, а не само гаталец. Поздрав до сите, се надевам дека успеав да ви ги доловам случувањата од вчера, за оние кои ги интересира. Доколку пропуштив нешто важно претпоставувам Филип ќе може да ме дополни. Поздрав до некоја наредна прилика“.
- изјавува граѓанскиот активист Давор Ангеловски.

Sunday, April 3, 2016

Третиот канабис семинар во Скопје при крајот на мај!

Драги наши пријатели и подржувачи. Со голема радост и гордост сакаме да ве известиме дека здружението Зелена Алтернатива ќе го организира третиот по ред семинар на тема канабис, што ќе се одржи при крајот на месец Мај

Како и на минатите два семинара, така и овој пат гости ќе бидат еминетни доктори и научници кои како експерти се признаени и добро познати како лидери на истражувањата од оваа област. Тие со нас ќе го споделат своето знаење за лековитоста на ова растение, искуствата од нивната работа и ќе ни ги презентираат најновите сознанија од многуте студии кои секојдневно се одвиваат низ светот. 

На овој семинар ќе разговараме и ќе ве запознаеме со составот и различните состојки на канабисот, како и придобивките од истите. Тема на семинарот ќе биде и целосниот потенцијал на ова растение, кое освен за медицински цели нуди можност и за употреба во индустријата, каде може да се користи за широк спектар на различни производи. 

Ќе имате шанса да ги слушнете и активистите од нашата држава и нашето соседство кои ќе се обидат да ви ја доближат сликата за борбата со која постојано се соочуваат во намерите да го ослободат ова растение од стигмата која со години го следи и спречува сите ние да можеме да уживаме во благодетите што канабисот може да ги понуди. 

Дел од семинарот ќе бидат и пациенти кои се лекувале и сеуште се лекувааат со канабис и од кои од прва рака ќе можете да чуете за моќта на ова растение и нивните лични искуства во справувањето со различни болести и тегоби кои ги погодиле нив и нивните најблиски. Зелена алтернатива ќе се потруди да ве информира и за најновите случувања поврзани со канабисот низ светот, движењата за легализација и промените кои истите ги постигнале, како и разните новитети и производи од канабис кои се користат. 

Секако дека со вас ќе бидат споделени и нашите идеи за иднината на канабисот во нашата земја и начинот на кој сметаме дека ова прашање треба да се регулира. Затоа ве покануваме да го посетите овој семинар и да ја искористите оваа можност да се запознаете и да го надополните своето знаење за оваа билка на настан кој претставува реткост на овие простори. Следете ја оваа веб страница како и фејсбук групата на Зелена алтернатива каде редовно ќе ве информираме за новостите околу овој семинар, говорниците кои ќе учествуваат, како и за новите теми за кои ќе се разговара.

Thursday, March 31, 2016

Часните сестри кои ја одгледуваат Божјата билка

Запознајте ги „канабис калуѓерките“ од градот Мерсед во Калифорнија кои одгледуваат марихуана. Тие својот бизнис наречен „Sisters of the Valley“ (Сестрите од Долината) го започнаа минатата година, а имаат и своја фан страница на Фејсбук

Кликнете на секоја фотографија за да ја видите во поголема димензија
Запознајте ги „канабис калуѓерките“ од градот Мерсед во Калифорнија кои одгледуваат марихуана. Тие својот бизнис наречен „Sisters of the Valley“ (Сестрите од Долината) го започнаа минатата година, а имаат и своја фан страница на Фејсбук. Часните сестри од билките што самостојно ги растат, самостојно произведуваат мелеми, масла и тинктури кои имаат потенцијал да ја намалуваат болката и ги продаваат на Интернет, поточно на нивната Веб страница, а до неодамна и на Etsy за што имаа доста реакции. Сестрите одгледуваат по 12 билки, а препаратите што рачно ги изработуваат се наменети за третирање на болки во грбот, главоболки и други непријатни здравствени состојби. Нивните органски производи содржат мали нивоа на Тетрахидроканабинол - THC, а поголеми нивоа на Канабидиол - CBD. Сестрите со својата молитва во секое шишенце од лекот внесуваат уште повеќе магија. Тие се молат над секоја тегличка пред таа да им биде испратена на потрошувачите. 

Модерните монахињи Сестра Кејт (чие правилно име е Christine Meeusen) која има 56 години и Сестра Дарси (Darcy Johnson) која има 24 години, се лиценцирани одгледувачи на марихуана и се борат канабисот нашироко да се употребува како лек и се борат да го одржат својот бизнис во живот. Сепак, покрај дозволата што ја поседуваат, нивниот бизнис им ги боде очите на алчните великани и Властите што ги интересира само нивниот личен профит и експанзија и кои се плашат затоа што нивните црни бизниси се загрозени. 

На фотогравиите прикажан е секојдневниот живот на овие предобри монахињи. На едни слики се гледа нивната напорна работа, додека на други нивната почит и љубов кон самите себе, односно можеме да видиме како тие се релаксираат и ги регенерираат своите клетки пробувајќи го вкусот на сопствената градина. Ете ви уште еден доказ дека нема ништо лошо во пушењето трева, затоа што тоа е само уште еден начин на консумирање на ова растение. Овие продуховени луѓе посветени на Бог, треба да бидат пример за сите нас. Тие не прават ништо погрешно, затоа што постапуваат според Божјите правила запишани во Светото писмо. Имено, во Библијата, Прва книга Мојсеева (Битие) пишува: 

29. И рече Бог: „Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе, и какво има по целата земја, и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид: тоа да ви биде за храна!
30. А на сите ѕверови земни, и на сите птици небески, и на сè што се движи по земјата, и во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија, за да имаат да јадат.” Така и стана.

Верските институции најчесто ја искривоколчуваат верата и за да не дојдат во сукоп со Властите, повеќе ги почитуваат правилата што ги наметнува државата, наместо да се водат според неприкосновените сакрални вечни правила на постоењето запишани во Светите книги. За среќа, луѓето се освестуваат! Овие калуѓерки се водат според правилата на љубовта и мирот - основните вредности и темелот на сите религии. Тие се свесни дека канабисот е лековито растение кое им помага на луѓето и кое не може никому да му наштети. Тие се свесни дека човечката алчност и злоба довеле до забраната и затоа тие се борат со притисоците што постојано им се упатувани. Но, Бог ги заштитува исто како што не` заштитува нас активистите и сите кои имаат добра намера и чисто срце. 


Нашиот сон беше живење на едноставен живот, правејќи го лекот на мирна фарма, во спиритуална средина и да бидеме самоодржливи - велат овие прекрасни свештени жени. За среќа на вистината и доброто, а за жал на лагата и злото, часниве сестри се упорни и нема да престанат со својата добротворна работа. Со нивната верба и помошта од добрите луѓе, тие умешно и успешно ги прескокнуваат сите препреки што пред нив ги става злонамерната човечка слободна волја. Вашата поддршка за нивната благословена работа можете да ја искажете со донација или едноставно со споделување на социјалните мрежи на нивната страница за донации.

Споделете ја оваа статија за целиот свет да дознае за тоа што овие монахињи прават! Останете во МИР...














Saturday, March 26, 2016

Неколку совети за растење за почетници

Растењето на здрави билки може да биде лесно, забавно и да претставува релаксирачко хоби, доколку се знаат некои основни работи

Постојат одредени важни фактори што треба да се имаат во знаење и коишто треба редовно да се следат кога се расте канабис во внатрешни услови. Не се обесхрабрувајте, бидете упорни - ретко кој успеал да има добра берба од првиот пат. Со секоја тура учите нешто ново. Наша препорака е да не се врзувате здраво за готово за сите совети што ќе ги прочитате на Интернет, како и за советите што ви ги делат вашите пријателки и пријатели одгледувачи. Каков што е случајот со техниките за работење на себе на духовен план, слично е и со одгледувањето марихуана - она што му одговрара на еден одгледувач и на неговите билки, не мора да значи дека ќе биде добра практика и за тебе и твоите чеда. Пробувајте, учете од туѓите и сопствените грешки - што и да се случи насмевнете се и уживајте во магијата што ќе се случува пред вашите очи. 

1. ФЛАСТЕР НА УСТА!

Додека канабисот целосно не се легализира во Македонија, првиот наш совет е да бидете многу внимателни и да размислете добро со кого ќе ја споделите вашата тајна и дали воопшто треба некому да кажете ;) Доколку се` уште не сте започнале со одгледување, ќе се уверите колку ќе биде силно чувството на гордост и среќа од она што расте во вашиот дом и колку ќе биде силно чувството на потреба тоа да го споделите со најблиските. Сите луѓе по природа се добри, меѓутоа има моменти кога луѓето знаат да бидат заслепени од негативните емоции. Имајте во знаење дека во животот можеби имате луѓе што сакаат или можеби ќе посакаат да ви наштетат, да ви се одмаздат или едноставно нема да можат да ја поднесат вашата среќа поради тоа што се љубоморни. Заштитете се и бидете што е можно повнимателни.

2. Одржувајте чистота!

Хермафродит од стрес од нарушен темен период
Покрај личната хигиена на телото и духот што ни помага да бидеме позитивни и да им зрачиме со позитивна енергија на нашите билки, потребно е да одржуваме хигиена како на околината во која ги одгледуваме, така и хигиена на алатките со кои се грижиме за нашите растенија. Добро дезинфицираниот простор пред започнувањето со вегетативниот период, но и честото чистење помага во спречувањето на инсектите и болестите. Внимавајте да имате чисти раце пред да ги допирате и билките да немаат контакт со средствата за хигиена, ниту пак со гасовите од средствата за хигиена што испаруваат во етерот - добро проветрете по чистењето.

3. Одбирајте квалитетно семе

Квалитетните семки купени во специјалните продавници за канабис или пак, на Интернет гарантираат успех, доколку условите за растење им се горе-доле погодени. Финалниот производ кон кој се стремите дури 90% е зависен од неговата генетика. Бидете спремни на пораз и со насмевка прифатете го неуспехот, доколку растете непознати семки. Бидете пресреќни доколку од обични семки собрани дури и од најдобрите туфки што сте ги пушеле успеете да имате добар род :)

4. Користете добра почва

Направете соодветна почвена мешавина со соодветна pH вредност од околу 6.5 за повеќето канабис билки. Купете си мерач за pH вредноста на почвата и за pH вредноста на водата и соодветно алкализирајте или закиселувајте по потреба. Во земјата може да додадете перлит, лушпи од кокос или стиропор за поголем простор на коренот да расте.

5. Соодветно светло

Со дигитален или аналоген тајмер светлосните шеми самите автоматски ќе се регулираат - за тоа нема потреба да се грижите вие. Вие треба само да се погрижите да ја погодите келвинажата во секоја фаза од развојот, со што ќе ги симулирате природните услови, односно сонцето. Попречувањето на нивната ноќ предизвикува стрес што може да се манифестира со појава на хермафродити како на сликата погоре. Изборот на светлото зависи од вас, од тоа колкав е просторот во кој сакате да растете, како и од тоа колку брзо сакате да растат билките, но и колкав е вашиот буџет наменет за сметките за струја. Metal Halide, High Pressure Sodium, CFL, LED, флуоресцентни или други - останува вие да одлучите :) Светлото не треба да ги допира врвовите на растенијата.

Часа светлина:           Часа темнина:
Расад                                                    16-24                              8-0
Клон                                                       18-24                              6-0
Вегетативна фаза                                    18                                  6
Фаза на цветање                                     12                                 12

6. Соодветно наводнување

Сам/а порасни си го лекот!
Не претерувајте со наводнувањето. Премногу вода може да ги убие вашите билки. Саксиите треба да имаат доста отвори низ кои ќе истекува вишокот на вода. Постојат повеќе мерила за одредување кога треба да го нахраните вашето растение со вода. Некои наводнуваат тогаш кога земјата речиси целосно ќе се исуши. Други наводнуваат кога во земјата нема повеќе влажност, откако ќе проверат боцкајќи го прстот во земјата на длабочина од 7-10 сантиметри. Кога на билката `и треба вода, листовите започнуваат да овенуваат - ова не треба да ве исплаши. Внимавајте исто така и на киселоста на водата и доколку полевате со вода од чешма таа пожелно е да одстои 24 часа поради хлорот и да постигне собна температура. Препорачуваме минерална негазирана вода, а во фаза на цветање може и да пробате со газирана вода - така се разровчува земјата и коренот може да дише и да расте подлабоко.

7. Прихрана

Доколку земјата е збогатена со минерали и останати хранливи состојки, нема потреба да додавате прихрана барем на почетокот од вегетацијата. Премногу прихрана може да ги изгори билките! Вегетативната фаза сака повеќе Азот, додека пак фазата на цветање сака повеќе Фосфат. Најдобро е да користите органско ѓубриво (компост) како прихрана и внимавајте тоа да биде многу разредено. Следете го изгледот и виталноста на билките, затоа што секој дефицит или суфицит од нутритивни состојки се забележува по бојата и изгледот на листовите.  


8. Обезбедете најоптимални услови за растење

Температурата треба да се движи од 20-30°C во вегетативната фаза преку нивниот ден. Температурата од околу 25°C е најоптимална, а разликата помеѓу ноќната и дневната температура да не е поголема од 10°C. Во фазата на цветање препорачливо е светлото да се појача, но и температурата малку да се намали. Внимавајте на влажноста на воздухот во гроу боксот или гроу румот. Потребно е да симулирате ветар со вентилаторче што ќе ги ниша лисовите. Циркулацијата на воздухот исто така е доста важна. Препорачуваме убаво да им зборувате на вашите билки, да им ја искажувате вашата љубов, почит и восхит кон нив, да им пеете и да им пуштате музика со вибрации што го потикнуваат растењето. Имајте во знаење исто така дека колку што билката расте над земја, толку таа треба да има простор и за растење под земја. Затоа редовно пресадувајте или одгледувајте од самиот старт во поголема саксија - препорачуваме 6 литарски исечени шишиња од вода.


9. Не берете прерано!

Сте чекале 2 и нешто месеци поминати во вегетација и над 3 месеци поминати во цветање, па затоа не бидете нетрпеливи. Мерило за зрелост на цветовите е бојата на трихомите - кога ќе станат кремасто-кафени со боја на килибар, тогаш е време за берење.

10. Исушете пред да пушите :)

Откако туфките ви се набрани за канабиноидите да постигнат максимум од својата зрелост, потребно е соодветно да ги исушите цветовите, но и да го завршите процесот наречен CURING.


Sunday, March 6, 2016

Првото епилептично бебе лекувано со канабис под медицински надзор

Најновата клиничка студија спроведена на најмладиот пациент до сега од Детската болница Колорадо (Children’s Hospital Colorado) во Аурора, ги докажа придобивките од канабисово масло кога станува збор за епилепсија. 


Канабисот не може никому да му наштети,
па дури и на новородените!
Амили Нунез (Amylea Nunez) ќерката на семејството Нунез кое живее во Албакерки, Ново Мексико, е родена во декември 2015 година и таа веднаш почнала да има епилептични напади. Ја транспортирале во Детската болница Колорадо, каде што била дијагностицирана со ретка форма на епилепсија. „Нејзиното срце престана да чука два пати покрај нас и тоа најверојатно беше најтешкиот дел за нас“ - истакнува мајката Никол Нунез (Nicole Nunez).

Амили имала најмалку 15 епи-напади дневно. Нејзините родители велат дека фармацевтските медикаменти што таа ги примала можат да го оштетат нејзиниот црн дроб. Поради тоа нејзините освестени родители имајќи го пред вид најголемото добро за нивното дете од кое зависи како нејзината сегашност, така и квалитетот и квантитетот на нејзината иднина, одлучиле Амили да ја лекуваат на природен алтернативен начин со канабисово масло. Оваа врста канабис, како и екстрактите од неа во некои Американски држави се веќе докажан и дозволен безбеден лек против епилептични напади, поради тоа што количината на THC што ја содржи не е во состојба никого да „напуши“.
Врстата што `и е потребна на Амили
Семејството на Амили ја замолило болницата да ја мониторираат состојбата на бебето откако ќе започнат да `и го даваат маслото од посебната врста канабис со многу мало ниво на THC, а многу големо ниво на CBD наречена Charlotte's Web (Пајажината на Шарлота).

Ние сакаме да користиме нешто различно што не е лошо за нејзиното тело“ - истакнува Ерни Нунез (Ernie Nunez) таткото на Амили. „Откако јас направив самостојно истражување кое траеше со месеци, ние веруваме дека ова ќе функционира бидејќи тоа е природен пат“.

Ерни и Никол Нунез - родителите на Амили
Амили е најмладиот пациент во медицинската историја официјално третиран со канабисово масло како дел од клиничката студија за реакцијата на децата на канабисово масло и сите возможни долготрајни ефекти. Маслото веќе има неверојатен ефект врз нејзиното здравје. Амили се чувствува многу подобро со секој нов ден. Родителите на Амили веруваат дека тие ќе успејат да ја спасат нивната ќерка од конвенционалните лекови и дека ќе можат нејзината состојба да ја регулираат само на природен начин со канабис, кој веќе предизвика големо подобрување на нејзината здравствена состојба. „Таа е многу посвесна денес, таа разгледува наоколу и ги следи нашите лица кога `и зборуваме, во споредба со порано кога `и зборувавме, а таа воопшто не реагираше“ - додава мајката Никол.


Monday, February 29, 2016

Македонската естрада ЗА канабисот! :)

ЛОЗАСо оглед на тоа што сите сме соочени со опасните болести на новото време и лошите лекови за ублажување на истите, си земам за право да Ве прашам – дали сметате дека канабисот, или конопот – според нашите стари, треба да се декриминализира или ограничи за медицинска употреба?

Бранко од Фолтин: Прво, морам да кажам дека не сум стручен на темата, а овде станува збор за едно доста сензитивно и комплексно прашање. А, во принцип, мојот став е дека треба сериозно да се разговара и да се следат туѓите искуства. Голем број од балканските земји забрзано го менуваат ставот. А кај нас, секако дека треба да се забрза процесот на обелоденување на корисните својства, и да се отфрли стигмата. И повторно, барем што се однесува до медицинската употреба, соодветните институции молчат, а луѓето се снаоѓаат кој како знае и може.

Кристина Ласовска: Кога е во прашање човечки живот не постојат правила. А би требало да постојат, барем оние кои ги знаеме како вистински. Конопот од многу одамна веќе не е табу и мислам дека дегутантно е веќе прашањето за медицинската употреба. Бидејќи лично сеуште не сум имала потреба од тоа, фала му на Бога, предлагам да се пушти во медицинска употреба, па ако донесе последици нека го укинат пак. А сеуште нема забележани посериозни последици од неговата употреба, нити пак смртен случај. За разлика од хемотерапиите… Оваа тема посебно ме погодува бидејќи Свети Николе упорно е еден од градовите со најголем број на заболени од рак по жител, и смртни случаи од оваа опасна болест. Исто е небулозно да му продаваш на човек нешто што му го дала природата, но и оваа тема е многу широка, а сеуште не е доволно освестена, барем кај нас.

Гуру Харе: Па ако го следиме светскиот тренд, крајно време е да отвориме сериозна дебата.Се повеке луѓе во светот го користат маслото од канабис за лечење на различни болести, и сметам дека треба под итно да се декриминализира, за да не ги богати криминалците, како што е сега.

Александра Павлова: Во борбата со фармацевсткиот бизнис, апсолутно застанувам на страната на “зелената алтернатива” и дефинитивно сум за нејзина легализација за медицински цели.

Блажеј Атанасовски, Легија: Јас лично користам канабис периодично веќе 14 години. Под тој основ јас се инкриминирам себе си, а сум одвалил толку работа во животот и сум вложил толку труд за општо добро што сметам дека покрај вакво секојдневие и државен криминал, самите правни институции имаат кредибилитет само поради извршната сила. Не велам дека рекреативното користење на канабис не е порок, но ако е дозволен алкохолот кој ако се злоупотреби може да нанесе многу повеќе штета од канабисот контрадикторно е истиот да е нелегален. Најверојатно ќе биде нелегален се додека власта има поголема корист од тоа што истиот се запленува и враќа на црн пазар. Медицинскиот канабис пак е нешто кое треба да се истражи во светски рамки, и има можности за многу широка примена во некои сериозни болести. Значи зборуваме за луѓе кои умираат поради ригидност и страв од иновација, и некоја мрзеливост на медицинскиот персонал кај нас и пошироко. Сигурно во тоа имаат удел и фармацевтските лобија, кои чекаат момент да добијат концесија и монопол над истиот.
Тука луѓето треба да бидат свесни дека нашата биофлора, дава прилика да се одгледува коноп, не во плантажа туку во нормално опкружување и лековитото дејство го даваат полените од околните растенија, додека конопот нема никакво психоактивно дејство.

Јана Нарајана: Сметам дека канабисот треба да се декриминализира.

Борис Чулев – Чуле: Канабисот треба да се легализира под итно. За секаква употреба. Треба да се забранат цигарите и шкарт алкохолите. До пред 150 години западната медицина своите медикаменти ги произведувала на база на две растенија, коноп и афион. Одеднаш, станавме 7 милијарди луѓе на земјава, на банкарите сме им премногу, па ја измислија кемотерапијата и антидепресантите забранувајки ги овие две растенија со пропаганда дека се тешки наркотици, штетни за човекот.

Мартина Димоска: Се’ што се докажало како медицински корисно во потполност го одобрувам. Општеството знае понекогаш да има чудни стеги и да е толку многу нерационално конзервативно.

Никола Јакимовски – Пикси, Авторизација: Личен став ми е дека во најмала рака треба да се направи достапно за медицинска употреба, а потоа да се дозволи и ограничена количина за рекреативна употреба. Погрешно е да се става канабисот во исти кош со хероин и слични дроги што се закана по физичкото и менталното здравје. Без ниеден смртен случај до сега, напротив има бројни успешни третмани со канабисово масло, исто така рекреативно го користат луѓе од најразлични слоеви со најразлични професии, луѓе кои се успешни во своето занимање.
Други го користат и како лек за Алцхајмерова болест, Аутизам, Астма, Артритис итн. Па наместо државата да ги третира како криминалци, може да поработи на декриминализација односно дозвола за поседување на одредено количество над кое што самата ќе има контрола, по примерот на Чешка, Холандија и други, бидејќи милуваат да се споредуваат со развиени земји, еве им шанса. Со тоа ќе се намали стапката на криминал, продажбата ќе биде даночно запазена и под контрола на државна институција, претпоставувам ќе се отворат работни места, а ќе имаме и порелаксирана нација. Досега многу земји во светот се сведоци на позитивниот резултат од третманот на канцер со канабисово масло. Ако ништо друго кај нас барем од хумани причини треба се проба со истражувања и ако се испостави како точно, да се нуди како прописен медицински лек.

Оливер Ефремов – Etheric Loopz: Да не се зае*аваме, декриминилизација е само измислен термин за нешто што било со умисла забрането и наречено криминал наспроти други појави што предизвикале многу повеќе криминал на планетава – директно или индиректно. Во зародишот на џезот и блузот, тоа било сатанска музика. Алкохолот бил забранет, а највеќе се продавал и секој можел да набави! Ќе го оставам ова вака за размислување… Додатно, од џез можеш да умреш само ако е досаден или ако бендот што го свири не го бива. Ограничување за медицинска употреба? – Дефинитивно. 

Можам само да се надевам дека сето тоа ќе се случи побрзо отколку што сите мислиме и помалку народ ќе страда од лошите каузи на општеството. Од една страна, многу ми е чудно како може воопшто да се пристапува кон темата “конзервативно” кога канабисот е отсекогаш конзумиран на различни начини. Ама ете, не е тоа која е вистината – туку тоа што треба да се каже на ТВ. А, баби како баби – не веруваат во тебе или мене туку во телевизорот. И сега, нас треба да нѝ биде срам отворено да зборуваме за тоа небаре е прва љубов од училиште, па да не се покажеме смотани пред другите… Највеќето луѓе живеат со вакви стравови, некој треба да повлече прв, па потоа ќе следат ама самоиницијација – слабо некако :] Од друга страна, сигурно не би дозволил да влезе во слободен пазар како обичен продукт или лек без рецепт. Некаде по пат тоа ќе биде злоупотребено, упропастено и одново забрането, за на крајот пак на тие што им е најпотребно и им значи живот да им биде лишено од употреба. Кон истата проблематика, за сето тоа да функционира во едно општество потребна е цела процедура од “остручување кадри” за занимавање со областа, набавка, регулирање, продажба, даноци на продажба и слични други срања. Е, ТУКА ми е стравот. Прашањето е, дали ова ќе функционира?! А, од ганџа никој не умрел, луѓе умираат само од даноци (добро… во минатото и од Алфи, ама тој број е помал) – тоа сите многу добро го знаеме.

Боро Стојановски – Analogue Resistance: Па што побргу треба да се случи ова и да не се губи ниту ден. Ако само замислимие колку луѓе дневно умираат од различни видови на рак и останати болести, не треба воопшто да се размислува дали, а и не може да страдаме од одреден број на несовесни корисници. Не смее одма затвори, чуда, закани, најдете си друг начин да ги решавате проблемиве, на сила некако не оди, на сила убавина не бива – нели? Ако стварно сакате да му помогнете на човештвото, влади на сите држави, ако стварно се грижите за нашето здравје – треба да ја легализирате билката, која што и покрај одамна докажаните чуда во медицината е билка од која можеме да произведеме буквално – сè. А со тоа ќе намалиме со производство и употреба на доста токсични материи. Плус, секоја држава ќе зима такса од контролирано производство и пуштање во употреба, а криминалот ќе се намали значително. Па дај мислам, ѕирнете накај Амстердам – од кога е легализирана, му фали ли нешто :)?

Игор Џамбазов: Сè ќе си дојде на свое место, само треба време. Најпрвин употреба на марихуаната во медицински цели, па потоа следи декриминализација (како што направија дури и некои земји од соседството), и на крајот се надевам некаква контролирана легализација. Државата може само да профитира од тоа. Се разбира, со сите законски одредби кои ќе го спречат криминалот што може да произлезе од тоа.

Јанко Илковски: Маслото треба да се продава и нема зошто да се брани, крај. За користење на канабисот јас сум за дебата, сакам дебата од релевантни фаци, доктори, професори, стручњаци, а не читачи и гледачи на јутјуби, фејсбук, кои откако изгледале два документарци иградиле став. Се работи за сериозна тема а не ”ку*ташак” играње на твитер или јутјуб. Да, сакам дебата и побрзо нека се легализира за да престанат квази стручњаците да нè гушат. Жално е што како и секогаш, на крај ќе се увиди, како и за секој друг лек, дека не лечи сè и не е решение за секој рак. Но, има таму и други агенди, да се демистифицира и декриминализира, па да се легализира неговата употреба за уживање, а не лечење. Да, сум за легализација, но во медицински цели, под лекарска контрола а не отворање кофи шопoви.

Александар Русјаков: Полицаецот што ме фати како пушам џоинт ме гледа со татковски поглед. Се наоѓам во еден наш мал, прекрасен град. Му благодарам на полицаецот што беше човечен со мене. Тогаш, навистина ми се поклопија стрелките на часовникот. Студирав книжевност, а успеав да запишам филмска режија. Личната карта ми беше во процедура, па од некој суетен ќеф ги носев двата индекса со мене. Тогаш, пред тринаесет години, кога имав дваесет, летото одлучив да одам два месеца пеш низ Македонија, да се шлаам низ градовите, да ги запознаам луѓето од селата, да преспијам во сите манастири, да се загубам низ планините, шумите и ливадите. Тогаш, буден сонував, ја читав „На пат“ од Џек Керуак, како да е Библија, го знаев напамет Ален Гинзбер и одев цели четириесет и пет дена низ Македонија, со ранец и вреќа за спиење на грбот. На една нива среде ниска планина налетав на билка марихуана. Бабата на која сакав да и побарам вода, а си работеше на нивата, ми пристапи и со насмевка ми рече: „Синко, не ми ја кради чуварката!“ Си разговарав околу половина час со неа. Ќе се обидам колку што можам поточно да ви пренесам што ми рече бабичката… Јас си ја викам чуварка, а порано ја викавме божја трева. Се одгледува без проблем, само сонце и вода и треба, синко, а понекогаш земјата и сама ја раѓа. Ни ги чува зеленчукот, овошките и житото, ниту една гадинка не им се приближува и не ни требаат модерните отрови за да ги прскаме, па ете си јадеме патлиџан од сонцето наранет. Си правиме и масло од неа, не треба да го купувам.

Кошула и пантоли ако ти направам, сто години нема да се искинат. Што и да ме заболи, чајот од чуварката ме лекува. А ете, дедово мој, понекогаш ќе си ја свитка како тутун и мирен сон си има… Ја прашувам како дедото нејзин, дали е добар, да не се тресе без тревка, дали ја малтретира по дома. Ироничен сум, сакам да го чујам баш она што ќе го чујам… Пу, пу, скраја да е, ми вели, ене го горе, со овците е… Дедото нејзин да ти имал осумдесет и девет години. Уште нешто ми кажа што никогаш нема да го заборавам… Порано и денес и божјата трева и афионот не се исти билки. Билките си се исти, да не ме разбереш погрешно, ама луѓето направија да не се исти. Кога си беа наши, тие ни беа живот, кога државата ни ги зема, станаа дрога… И благодарам на бабичката за просветлението. Подоцна истражував и сам. Томас Џеферсон, претседател на САД и масон има патентирано алатка за двоење на цветот од гранките на канабисот. Првите автомобили на „Форд“ возеле на канабисово гориво. Најквалитетната хартија се правела од божјата трева. Што земјата сама ја раѓа. Значи, не требало нафта за храна, не требало да се сечат шумите, не требале аптеки. Ама гадовите го окупираа светот и божјата трева во почетокот од педесетите години на дваесеттиот век стана зло.

Овој текст е целосно преземен од порталот ЛОЗА. Бог да ја награди нивната редакција затоа што ја детабуизираат темата за ослободување на забранетиот растителен лек канабис, што не може да наштети, а може многу да помогне!