Интервју со М-р Јанаки Митровски, адвокат во Адвокатската канцеларија „Маруша Митровска“. Приправник од 2009-2011 година. Адвокат од 01.04.2012 година. Јанаки во 2014 година магистрираше на тема „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ на Правниот факултет во Скопје „Јустинијан Први“. Тој ќе ни даде неколку стручни совети за тоа кои се нашите права поврзани со користењето и поседувањето Марихуана, а исто така ќе продискутираме и за контрадикторноста на нашиот застарен македонски закон
420 Macedonia: Дали во нашиот закон постои ограничување за дозволена количина на Марихуана за лична употреба? Кои се тие ограничувања? Дали постои минимално дозволено количество?
Јанаки: Македонскиот Кривичен Законик не дозволува легален посед на никаква количина на марихуана колку и да е таа мала. За жал Македонскиот Кривичен Законик не прави дистинкција помеѓу различните наркотици согласно нивната потенција за создавање адикција и опасност по здравјето, ниту пак регулира т.н. количина за лична употреба. Став 2 од член 215 кој го регулира ова прашање дозволува привилегирана (полесна) форма на делото за наркотици во помала количина, но самиот закон не дефинира која количина е помала. На илегален начин тоа го чини Републичкиот Јавен Обвинител со задолжителна директива до сите Јавни Обвинители согласно која, конкретно по Вашето прашање, марихуана до пет грама се смета за помала количина. Значи внимавајте помала количина, а не количина за лична употреба, бидејќи таквиот термин за Македонското казнено законодавство е туѓ.
Ваквата директива не е илегална сама по себе, бидејки Јавниот Обвинител има право на интерни директиви и упаства, но проблем е што самите судови ја третираат оваа директива како извор на право и судат по обвиненија покренати токму по оваа дикректива што е скандалозно, но нажалост тоа е моменталната состојба.
Инаку сите три меѓународни конвенции за наркотици чиј потписник е Република Македонија: Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961, Конвенцијата за психотропни супстанци од 1971 и особено Конвенцијата против илегалната трговија со наркотици и психотропни супстанци од 1988 - налагаат да државите потписнички ги групираат наркотиците согласно нивната опасност по здравјето на луѓето, но до денешен ден и после неколку децении Р. Македонија ја нема применето оваа меѓународно преземена обврска.
420 Macedonia: Дали секогаш и секаде службеникот смее да ме претресува? Дали имам право да одбијам претрес?
Јанаки: Службеникот има право да ве претресе доколку постои наредба за претрес од страна на судот. По исклучок има право да ве претресе и без налог, доколку сте затекнати во вршење на кривично дело или има околности кои јасно укажуваат дека сте извршиле кривично дело. Во тие случаи немате право да одбиете претрес. За жал праксата кај нас покажува дека службениците си дозволуваат на улица да претресуваат кого и каде сакаат. Во тие случаи имате право да го прашате службеникот зашто сака да пристапи кон претрес, дали има налог за тоа и доколку не, кои се околностите кои укажуваат на тоа дека сте сториле кривично дело.
Ви посакувам многу среќа при одбивање на нелегален претрес :)
420 Macedonia: Што треба лице фатено со Марихуана да стори? Дали е подобро да признае или да молчи или пак, да повика адвокат? Кои се нашите права?
Јанаки: Во дадената ситуација секогаш најдобра опција е да повикате адвокат. Мит е дека полицискиот службеник е нискоинтелегентен како во вицовите и дека можете да си играте со него. Не заборавајте дека инспеткорите во МВР се претежно факултетско образовани луѓе со години искуство позади нив и тешко дека лесно ќе ги прелажете. Во однос на Вашите права имате право да се извести Вашето семејство, да ви биде образложено зашто сте приведени, право да повикате адвокат кој ќе биде присутен на распит пред полиција или пред судија во претходна постапка пред кој е задолжително да бидете изведени во рок од најдоцна 24 часа од Вашето приведување. По потреба да ви се пружи и лекарска помош.
420 Macedonia: Дали полициските службеници можат да ми извршат интимен преглед на телесните отвори?
Јанаки: Законот по ова прашање е експлицитен. Преглед на интимни делови и телесни отвори се врши строго по наредба на судот и тоа од страна на медицинско лице од ист пол.
420 Macedonia: Искуството потврдува дека многу од корисниците или лицата фатени со Марихуана биле жестоко физички малтретирани за време на претрес и/или информативен разговор во полициска станица од страна на службените лица. Што треба да прави уапсеното лице доколку тоа му се случи? Службениците секако ќе негираат...
Јанаки: Првенствено да се јави на лекар кој ќе ги констатира евентуалните телесни повреди. Потоа да пријави во Внатрешна конторла на МВР која факт е дека наместо да си ја врши работата повеќе служи за прикривање на насилните припадници на МВР, па така имам прочитано извештај од Внатрешна контрола согласно кој приведено лице со рацете во лисици позади грб при превоз во полициското комбе, почнало само да си ја удира главата во комбето.
И на крај да пријавите во Јавното Обвинителство. Со среќа и со тоа!
420 Macedonia: Дали полициските службеници можат да ми извршат претрес на домот и возилото без налог за претрес? Дали смеам да употребам физичка сила во самоодбрана и во одбрана на моето живеалиште, доколку службеникот сака да влезе во мојот дом без налог?
Јанаки: Може но, по исклучок само ако е во тек извршување на кривично дело, поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност или ако во домот се наоѓа лице кое треба да се приведе.
Било каква примена на сила ќе се најде под удар на законот во смисла на член 382 од Казнен законик по кривично дело - Спречување на службено лице во вршење службено дејствие и член 383 - Напад на службено лице при вршење на работи од безбедноста. Но, законот дава исклучок да е можно да бидете ослободени од казна доколку постои грубо или незаконито постапување на службеникот со што конкретниот одговор на Вашето прашање би бил ДА имате формално право на примена на сила доколку службеникот сака да преземе илегален претрес на Вашиот дом.
Како што неколку пати напоменав, а особено со користење на ова право Ви пожелувам многу среќа.
420 Macedonia: Дали очекуваш легализација на Канабисот во Македонија за брзо или пак, барем одредена промена на некој од законите што ја регулираат оваа проблематика? Какви промени?
Јанаки: Легализацијата на канабисот е невозможна поради меѓународно правните обврски кои ги има преземено Републиката. Конвенцијата против илегалната трговија со наркотици и психотропни супстанци експлицитно налага дека продажбата, употребата, превозот и држењето заради продажба на наркотици се пропише како Кривично дело.
Во таа смисла максимум што може да се добие е декриминализација/депенализација или поблиско дефинирање на количина за лична употреба која би се третирала како прекршок. Повторно е илегално, но не е кривично дело. Не сум оптимист дека во блиска иднина ќе се случат вакви промени кај нас поради во голем дел се` уште длабоко конзервативната јавност и неспремноста на политичките елити да губат гласачи поради вакви законски измени.
420 Macedonia: Твоето мислење за дејноста и движењето на 420macedonia? Што би ги советувал нашите следбеници? Да не имаш нешто друго да додадеш?
Јанаки: Имате полна поддршка до мене. Како совет - памет во глава :D