Tuesday, September 5, 2017

Интернационалната канабис црква во Денвер - Колорадо ја слави марихуаната!

Во името на пресветиот чад! :) Нова религија го просветлува Денвер, Колорадо. Идејава започнала природно, со група пријатели заеднички пушејќи џоинт. Стив Берк (Steve Berke), дипломиран студент на универзитетот Јеил, привремено живеел во стара црква во Денвер, Колорадо. Неговите родители го купиле 113-годишниот објект со план да го претворат во станбен објект. Тој и Ли Молоу (Lee Molloy), како и неколку пријатели, само што се преселиле од Мајами за да печалат на профитабилниот марихуана пазар во Колорадо. Но, тогаш според зборовите на Ли: „Почнавме да ги имаме овие глупави, фантастични разговори. Што ако го зачуваме како црква?“ Така, Стив ги убедил своите родители и девет месеци подоцна, на 20 април 2016 година - 4/20, како што е познато во САД, неофицијалниот интернационален празник на љубителите на канабис (бидејќи е 4:20 попладне некаде, нели? :) - Меѓународната канабис црква ги отвори своите врати со своја капела, теологија и аркада за видео игри. 

Однадвор сè се чини нормално - класична градска црква во предградието на Денвер. Трите предни врати и заоблената фасада на прозорецот биле насликани со спреј со сребрени галаксии и светли планети со среќни лица. Тоа е дело на легендарниот сликар и графичар Кени Шерф (Kenny Scharf) и оваа „црква“ не наликува на типична парохиска црква. Основачите се убедени дека луѓето љубат фантастични идеи. Првичниот план бил да се отвори за јавноста, но бидејќи тековниот закон во Колорадо само дозволува пушење во приватни клубови. До денес тие имаат повеќе од 1.400 членови на нивната листа, а бројот расте. Тие ги отвораат вратите од четврток до недела за непушачки средби, со приватни канабис услуги што се одржуваат во петочни ноќи. 


Тоа не изненадува. Медицинската марихуана беше легализирана во Колорадо во 2000 година - првата држава што го промени уставот. До 2009 година продавниците за канабис (dispensaries) почнаа да се појавуваат низ државата и наскоро следеше легализација за рекреативна употреба. Во 2016 година Колорадо продаде повеќе од една милијарда долари од тревата, создаде илјадници нови работни места и собра речиси 200 милиони американски долари во дополнителни даночни приходи. 

Овие креативни и добронамерни 4:20 настроени луѓе го трансформираа речиси напуштениот црковен објект во неверојатно уметничко дело. Секоја површина е насликана со живописни шеми на црвени, сини и зелени геометриски призми со митолошки суштества, ѕвезди и скриени очи внатре. На задниот ѕид, два гиганта од соништата седат со скрстени нозе како изгубени во медитација. Сето ова е создадено спонтано без скица или план. Како што започнува Богослужбата луѓето палат џоинти и си ги подаваат. 


Да се биде елевационист, терминот што го создадоа за теологијата на новата црква, значи да се биде истражувач“ - вели Ли. „Нашето духовно патување е едно од себеспознанието, а не од догмата. Ние веруваме дека нема едно решение за големи животни прашања. Ова е едноставно место за поддршка за секој од нас да најде пат до нашата сопствена спиритуалност, кога и да е можно“ - додава тој. Спиритуалноста не треба да биде рецепт; тоа треба да биде авантура. Станува збор за барање, а не да ти биде кажано што да правиш. Тоа патување за само-откривање, вели Ли, е засилено со ритуална употреба на канабис. „Ние сме програмирани да се однесуваме и да размислуваме на одредени начини“ - вели тој. „Канабисот им помага на елевационистите да ги уништат тие лажни реалности“.


Малку можеби зачудува модерното издание и шаренилото на црквата и целокупната идеја, но Канабис црквата не треба да нè чуди. Имено употребата на канабис одамна е дел од религијата, од древни кинески Шамани до модерните Растафаријани, предизвикувајќи изменети состојби на свест. Па, дури и едноставна молитва или медитација, воздигнувањето на умот на повисоко ниво, отсекогаш било пат кон Божественото, што и да значи тоа за вас.

Автор: К. К.
Извор: The Guardian

No comments:

Post a Comment