Saturday, September 2, 2017

Анализа: Зошто марихуаната треба да се легализира?

Еден од најсилните аргуметни за легализација на марихуанта е нејзината широка примена во медицината. Скорешното откритие на канабиноидните рецептори во нашиот нервен систем и ендоканабиноидниот систем фрлаат едно сосем ново светло на целиот проблем со марихуаната



Фото: Канабис Клуб
Mарихуаната е најприсутна и најбарана од сите илегални супстанци. Бројот на конзументи на марихуана во светот повеќекратно ја преминува бројката на конзументи на сите останати илегални супстанции заедно. Домашните статистики укажуваaт дека над 80% од кривичните пријави за илегални супстанции се однесуваат на марихуаната. Очигледно големата побарувачка  и нејзиното стабилно зголемување во последните децении укажува пред сè дека забраната нема речиси никаков ефект врз состојбите на теренот. Државите годишно двојат милиони за сузбивање на овој порок, а ефектите се поразителни. Најголемиот проблем е што во овие акции најмалку страдаат производителите и дилерите, а најмногу обичните конзументи. Државата на овој начин криминализира цела една значително голема група на граѓани чиј единствен судир со законот е нивниот однос кон сопственото тело и ум. Очигледно е дека ваквата тактика е крајно неефективна, но веројатно ригидноста и интертноста на државните бирократии е премногу голема за работите да попримат еден порационален тек. За да се одржи ваквиот статус, граѓаните се бомбардираат со пропаганда која токму поради достапноста на информациите денес, станува бесмислена.


Одреден број на западните држави веќе ја имаат сфатено целата апсурдност на илегалната марихуана и имаат преземено крупни чекори во правец на декриминализација и легализација. Истиот тренд веќе зафати и неколку сојузни држави во САД и по се изгледа дека бројот на држави со легализирана марихуана ќе се зголемува во иднина. Дали ние како млада демократија ќе го фатиме овој тренд на цивилизираниот свет или ќе одиме по стапките на проблематичните демократии или ориентални автократии кај кои како по правило законите за марихуаната секогаш се во својата најекстремна варијанта.

Проблемот на марихуаната е многу поширок од темата за дрогите и здравјето. Меѓу другото, тука е темата на слободата, себепоседувањето и правата на конзументите. И секако правните недоречености и нелогичности кои произлегуваат од статусот на сите таканаречени злодела без жртви.
Се разбира, постојат уште многу причини зошто оваа тема мора да биде отворена и разгледана.

За марихуаната
Марихуаната е двополно едногодишно растение од видот Canabis Sativa. Во нашето поднебје е позната и како коноп. Индустискиот коноп и марихуаната која се одгледува за рекреативни или мединицски цели се подвидови на Сативата. Психоактивната супстанца тетрахидроканабинол или ТХЦ е нај сконцентрирана во смолата која ги прекрива женските цветови на растението. Токму затоа за рекреативни цели се одгледуваат подвидови кои даваат поголеми цветови, додека за индустриска употреба се одгледуваат оние кои даваат повеќе целулозни влакна.

Марихуаната е единствената илегална супстанца која практично и не е супстанца, туку е дел/орган од растение кој во себе содржи цела лепеза од различни хемиски соединенија. Таа се конзумира примарно, без никаква хемиска или индустриска обработка. Што не е случај со останатите илегални дроги како кокаинот, хероинот, екстазите и сл.

Почетоците на користење на Canabis Sativa датираат уште од палеолитот, но првите пишани податоци се врзуваат со сумерските градови. Се употребувала како суровина за текстил, градежен материјал, како лек, за ритуални цели, семето како храна и така натаму. Canabis Sativа станува илегална дури во 1937-та, кога во САД се донесува таканаречениот Marihuana Tax Act. Вистинските научни студии за ефектите на марихуаната доаѓаат дури доцните седумдесети од дваесетиот век, кога започнува да се формира сосем поинаква слика за ова растение.

Штетност и смртоносна доза


            Марихуаната е исклучително ниско токсична. Таа е помалку токсична од голем број на супстанции кои ги кознумираме секојдневно, вклучувајќи го алкохолот, цигарите, кафето, некои видови на чаеви и така натаму.
Истражувањата [1] покажуваат дека само марихуаната е далеку побезбедна за белите дробови, доколку ја споредиме со тутунот.

За да се постигне смртоносна доза на марихуана конзументот треба да внесе 20,000 до 40,000 пати повеќе марихуана одошто има во една цигара. Односно да испуши околу 450 килограми марихуана во рок од петнаесетина минути.[2]

Mарихуаната е побезбедна дури и од витаминските суплементи. На пример, токсичната доза на C витамин за човек од околу 80 kg започнува од 2.000 mg т.е. 4 апчиња со стандардната доза од 500 mg. [3]

Има една анегдота која вели - Марихуаната станува опасна па и смртоносна, само доколку бидете фатени од органите. Апсурдно, но навистина е така.
Физички е невозможно да се случи предозирање и смрт од марихуана. Во светот не постои ниту еден единствен регистриран случај на смрт поврзана со марихуана.

Марихуаната и зависноста


Иако сè уште постојат дебати околу марихуаната и зависноста, сепак научните студии  и статистиките [4] [5] [6] покажуваат дека таа рангира далеку под легалните алкохол и тутун, како и далеку под легалните стимуланси, антидепресиви и аналгетици. Иако постојат студии[7] кои укажуваат дека марихуаната создава психолошка зависност, оваа зависност е многу помала споредбено со останатите легални пороци. Само 8-10 проценти од конзументите можат да развијат облик на зависност. Исто така битно е да се напомене дека симптомите на апстиненција од марихуана се занемарливи во споредба со симптомите кај алкохоличарите, никотиноманите и наркоманите.
Зависноста која ја предизвикува марихуаната е значително помала во споредба со зависноста од легалните алкохол и цигари.


                                                         За медицинската марихуана


Еден од најсилните аргуметни за легализација на марихуанта е нејзината широка примена во медицината. Скорешното откритие на канабиноидните рецептори во нашиот нервен систем и ендоканабиноидниот систем [8] [9] фрлаат едно сосем ново светло на целиот проблем со марихуаната.
Историски гледано, постои континутитет на нејзина медицинска примена кој започнува уште со почетокот на цивилизацијата.

Истражувањата покажуваат дека марихуаната е ефикасна терапија за голем број на болести и пореметувања. Тука се глаукомот, хроничната болка, астма, воспаленија на зглобови и така натаму. Одредени состојки на марихуаната се делотворни во намалувањето на интезитетот и зачестеноста на нападите кај заболените од епилепсија, додека други состојки се докажано најефикасен антипсихотик. Можеби најважната медицинска придобивка е што марихуаната има својство дури и да го инхибира растот на малигните клетки кои се причина за појавата на карциноми и тумори. Нешто што не е постигнато со ниту еден синтетички лек.

За некои пациенти кај кои стандардните лекови не постигаат ефект, марихуаната е единствената надеж. Медицинската марихуана е можеби еден од најсилните аргументи за нејзина легализација.




                                                 Психолошки и физиолошки ефекти


Самата нелегалност создава потешкотии при изработувањето на пошироки студии во врска со краткорочните и долгорочните ефекти од конзумирањето на марихуана. Исто така факт е дека различни луѓе различно реагираат на марихуаната.

Дејството на марихуаната трае од еден до неколку часа, по што исчезнува без да остави никакви негативни ефекти. Краткорочните ефекти се чувство на еуфорија, згоелемена мисловна активност, зголемен апетит и жед, ширење на крвните садови, забрзан пулс и така натаму.[10]

Како што веќе напоменавме, за долгорочните ефекти сè уште не постои единствен заклучок. Голем дел од испитаниците се и конзументи на алкохол и цигари, такашто е навистина тешко да се одреди кои од ефектите се кумулативни, а кои се директен резултат од марихуаната. За разлика од веќе востановените и докажани негативни ефекти на легалните алкохол и тутун, марихуаната сè уште се наоѓа во зоната на активна научна дебата.

Еден од аргументите кој често се користи од противниците е дека марихуаната може да предизвика психотична епизода, па дури и целосна појава на шизофренија кај лица склони кон психоза.[11][12][13] Секако дека постои процент на вакви случаи, но исто така е познато дека активатори на латентната психоза можат да бидат многу други фактори, како алкохол, стрес, погрешна терапија и така натаму. Тука може да се употреби контра аргументот со дијабетичарот - Ако ја забрануваме марихуаната поради неодговорни конзументи во оваа ризична група, тогаш ќе мора да се забрани и шеќерот поради постоење на неодговорни дијабетичари. Дотолку повеќе што неодговрноста на дијабетичарот може да се заврши и со фатален исход.

Релативно ново научно сознание е дека една од активните состојки на марихуаната - канабидиол (CBD) може да биде ефективен лек за намалување на симптомите на шизофренијата. Особено поради тоа што е далеку побезбеден од било кои други синтетички лекови.[14]
Споредбено со останатите ризик фактори за појава на психоза, марихуаната се јавува како причина во процентуално многу мал број на случаи. Тука би морала да се напомене и одговорноста на самите лица кои покрај свесноста за ризиците се решаваат на ваков чекор.

Еден од најголемите проблеми кој се јавува при криминализацијата е тоа што лицата кои се соочуваат со здравствени проблеми поврзани со марихуаната (или други илегални супстанци) многу потешко би се решиле да побараат медицинска помош, отколку оние чии проблеми се врзани со легални дејства.  Највеќе поради тоа што не би сакале да ги откриваат своите навики кои во случајов се прогласени за криминални. Значи самото барање на медицинска помош може на овие лица дури и да им ја загрози слободата и безбедноста или во најдобар случај, да ги направи предмет на морална осуда и стигматизација од страна на околината.
                                     
                                          
Легализацијата и бројот на конзументи (зависници?)


  Она што е на прв поглед воочливо во оваа тема е самата номенклатура. Кога се зборува за алкохолот, цигарите, кафето, антидепресивите и сл. се користи терминот конзументи, но кога се зборува за марихуаната тогаш се употребува терминот зависници. И покрај тоа што е научно докажано дека алкохолот, цигарите па и кофеинот создаваат значително поголема зависност од марихуаната. Ако се водиме според ваквата логика тогаш можеме да изнајдеме илјада и една општествена активност која може да влезе во категоријата зависности; зависност од фудбал и кладење, зависност од видео игри, зависност од фесјбук и интернет, зависност од турски серии, зависност од порнографија и секс и да не набројувам. Но, како во тој случај да ги наречеме сите оние алкохоличари и наркомани кои се спремни и на криминални дела, па дури и убиства за да дојдат до својот порок.

Една од најголемите грижи на светските легислативи по прашањето на марихуаната е - Дали легализацијата ќе доведе до зголемување на бројот на зависниците?
Главниот аргумент против е дека марихуаната води кон користење на потешки дроги. Сепак, очигледно е дека целата поставеност на аргументот е погрешна. Проблемот тука произлегува од самиот нелегален статус на марихуаната и фактот што трговијата ја контролира црниот пазар. Марихуаната често ја продаваат лица кои продаваат кокаин, хероин, екстази и слично. А со тоа се згoлемуваат и шансите на лицето кое купува марихуана да му се понуди и нешто “потешко”. И турскиот чај може да биде пат кон потешки дроги доколку го продава истиот оној кој нуди и тешки дроги. Самиот криминален контекст во кој таа се наоѓа е основниот, ако не и едниствен извор на опасност.

Иако проектираната цел на прохибицијата е уништување на нарко пазарот, сепак ваквиот третман не создава ништо повеќе од ретардација на истиот со што самите корисници се доведуваат во опасност. Пазарот сè уште постои само што во ваков случај се наоѓа под целосна контрола на мафијата. Уште еден аргумент е дека прохибицијата додатно ги зголемува трошоците на државата за сузбивање, а ефектите се далеку од позитивни. Всушност според статистиките може слободно да се заклучи дека ефектот од прохибицијата е целосно обратнопропорционален.

Општа перцепција е дека легализацијата ќе доведе до зголемувањето на бројот на корисници, но сепак статистиките кажуваат нешто спротивно.[15][16]Интересно е дека Холандија со нејзините најлиберални закони за марихуаната е во средината на статистиките од останатите Европски држави. Бројот на конзументи во Холандија е дури процентуално помал од оној во САД каде со децении постои „Војна против дрогата“.[17]

Друг фактор е тоа што по легализацијата конзументите стануваат по искрени и отворени во врска со марихуаната. Со други зборови марихуаната престанува да биде табу тема , а тоа секако дека се одразува и врз статистиките.
А во однос на зависностите, докажано е дека и коцкањето создава зависност која може да уништи животи во иста мера колку и тешките дроги, нешто што никогаш нема да биде резултат на користење на мариханата. Сепак имаме кладилници и коцкарници на секој чекор, толерирани од истите морализатори кои затвораат луѓе поради конзумирање на марихуана.


Самите статистики од државите со легализирана или декриминализирана марихуана укажуваат на тоа дека легализацијата не влијае значајно врз зголемувањето на бројот на конзументите. Исто така, кога нешто е забрането тоа станува по привлечно за одредени групи на конзументи, особено младите. Тука е нормално и факторот на искреноста на испитаниците и неможноста да се спроведе доволно објективна анкета за дејствија кои се сметаат за криминални.




Индустриска примена


И индустрискиот коноп и марихуаната спаѓаат во истиот вид на растение - Cannabis Sativa. Единствената разлика е што за индустриска примена се употребуваат сорти на сативата кои успеваат да достигнат поголеми височини и дебелина на стеблата, додека за медицински и рекреативни цели се употребуваат сортите кои даваат цветови богати со смола.

Конопот е познат како корисно растение кое уште од самите почетоци на историјата се употребува за голем број на производи. Почнувајќи како текстилна суровина, поради своите снажни целулозни влакна, па се до примената во медицински цели и исхраната. Семето на конопот создржи неопходни хранливи материи и е сè уште дел од традиционалната ориентална кујна.
Постојат илјадници производи кои може да се добијат од конопот: текстил, хартија, еколошка замена за пластиката, биодизел, градежни материјали, лекови, храна и така натаму.[18]


Познатиот индустријалец и таткото на современето индустриско производство Хенри Форд своевремено ги употребил конопните влакна за изработка на каросерии за автомобили. Ваквата биопластика [19] се покажало дека е многу поцврста и издржлива од нафтената. Она што го спречило сериско производство на конопни каросерии е силната кампања против конопот, потпомогната од модерната петрохемиска индустрија.


За време на Џорџ Вашингтон, поранешен Претседател на САД, сите фармери биле законски обврзани да одлгедуваат коноп, поради неговата неопходност за економскиот развој на земјата. [20]


Предноста на конопот над другите индустриски растенија е пред се неговата отпорност на надворешни влијанија и релативно лесното одгледување. Конопот успева на многу видови на почви и климатски услови, речиси без никаква култивација. Ова го прави исклучително погоден за одгледување во поднебја со релативно лоши услови за земјоделие.
Одгледувањето на конопот за индустриски цели би можело да има многу позитивно влијание врз економијата во Македонија. Oсобено кога се знае дека нашето поднебје е погодно за култивација на конопот.


Постојат повеќе стотици производи кои можат да се добијат со обработка на индустрискиот коноп. Со легализацијата земјоделците ќе можат да си придодадат уште една дејност која позитивно ќе влијае не само врз нивниот бизнис туку и врз целокупната економија на земјата. Тука е секако и еколошкиот аспект што употребата на конопни суровини може да спаси огромен дел од нашите шуми. Конопот, за разлика од дрвата е брзо обновлив извор на суровини.


Правата и слободите на конзументите


Прохибицијата во САД со која алкохолот истапува вон законот е совршен пример за тоа како криминализацијата на одреден пазар може крајно штетно да влијае врз конзументите, без притоа да има значителен ефект врз намалувањето на самиот порок. Времето на прохибицијата бележи најголем број на смртни случаи поврзани со алкохолот, од причина што на црниот пазар почнале да се појавуваат пијалоци со сомнителен квалитет, крајно опасни по здравјето. Недостапноста и цената на алкохолот предизвикала љубителите на алкохол да почнат да посегнуваат по алтертнативни начини за опијанување кои неретко биле кобни по нивниот живот. Добро знаеме и како прохибицијата им овозможила на уличните банди да се претворат во огромни криминални организации чии “долги раце” неретко досегнувале дури и до високите ешалони на власта.

Слично на тоа, криминалниот статус на марихуаната не прави ништо повеќе од директно загрозување на безбедноста и статусот на конзументите. А со тоа и му придодава уште една дејност на црниот пазар. Најголемиот дел од проблемите со кои се соочуваат конзументите произлегуваат од матните трикови на црниот пазар, меѓу кои е и појачувањето на ниско квалитетна марихуана со синтетички медикаменти кои се десетпати по штетни и од самото растение. Конзументите се изложени на поголема опасност со самото тоа што мора да тргуваат со црниот пазар кој поради својата позиција не бира ни средства ни начини за да дојде до профит.

Недореченоста  на нашиот кривичен закон во кој не постои дистинкција помеѓу конзумент и дилер им дава преголема арбитрарност на органите во спроведувањето. Дури и поседувањето на семки може некого да стави под категоријата - пуштање во промет, бидејќи друга категорија и не постои. Социјалистичкото “милиционерство” во комбинација со вака недоречениот закон, како и основното непознавање на сопствените права кај граѓаните, неретко завршува со малтретирање и насилство од страна на органите, кривични пријави за смешни количини и така натаму. Затворањето е најлошото што може да се случи, но тука се и секако самите кривични досиеја кои во најмала рака можат некого да обележат до крајот на животот и сериозно да ја загрозат неговата општествената положба.

Она што особено паѓа во очи во ваквата констелација на спроведување е што органите попрво ќе истолерираат испијанета група која крши флаши и го ремети јавниот ред и мир, отколку да истолерираат група која не прави ништо освен што “врти” џоинт. Оваа апсурдна поставеност е толку втемелена во нашиот менталитет што и родителите кај своето дете попрво ќе истолерираат крајно пијанство со тетеравење и повраќање, отколку ризли за мотање во неговиот џеб. Да не напоменувам и дека општеството и државата се многу по толерантни(дури болно толерантни) кон редовните конзументи на синтетички стимуланси и инхибитори - дијазепам, лаксилиум и сл. Легални лекови кои се докажано штетни, можат да создадат зависност и се разбира да убијат.

Нешто друго што исто така неможе да се заобиколи е интрузијата во себепоседувањето која ја носи ваквата легислатива. Зошто еден совесен и одговорен граѓанин (редовен плаќач на данок и така натаму) би бил предмет на санкционирање од државата(и општеството, консеквентно) само поради тоа што конзумирал марихуана? На кој начин таквото однесување кон сопственото тело и ум би било опасно по околината? Дали навистина лицето во чиј дом се пронајдени неколку семки и едвај една цигара со марихуана, нужно мора да се третира кривично.  Ова се прашања на кои нашите регулатори веројатно би го смениле каналот, а граѓаните конзументи би молчеле исплашени од дивеењето на органите.

Секој има право на својот животен стил и начин на потрага по среќа, се додека тие дејствија не почнат директно да ја загрозуваат безбедноста и мирот на другите. Оттаму апсурдно е да се гони кривично конзумент кој не направил ништо друго освен што поседува марихуана за лична употреба. Тоа претставува опасно кршење на правото на себепоседување. Ако вашето сопствено тело и ум не се лична, туку колективна -државна сопственост, тогаш мора да се констатира дека немаме направено никаков битен исчекор од небулозите на минатиот систем.

Резиме


-  Марихуаната е единствената илегална супстанца која се конзумира примарно, без никаква хемиска или индустриска обработка.
- Физички е невозможно да се случи предозирање и смрт од марихуана. Во светот не постои ниту еден единствен регистриран случај на смрт поврзана со марихуана.
- Зависноста која ја предизвикува марихуаната е минимална во споредба со онаа која доаѓа од легалните алкохол и цигари и неспоредливо помала во однос на останатите илегални дроги, како хероинот, кокаинот и сл.

- Истражувањата покажуваат дека марихуаната е незаменлива терапија за голем број на болести и пореметувања, а најновите откритија укажуваат дека состојките на марихуаната имаат својство дури и да го инхибираат растот на малигните клетки кои се причина за појавата на карциномот. За некои пациенти кај кои стандардните лекови не постигаат ефект, марихуаната е единствената надеж. Медицинската марихуана е можеби еден од најсилните аргументи за нејзина легализација.
- Споредбено со останатите ризик фактори за појава на психоза, марихуаната се јавува како причина во многу мал број на случаи. Тука би морала да се напомене и одговорноста на самите лица кои покрај свесноста за ризиците се решаваат на ваков чекор.

- Самите статистики од државите со легализирана или декриминализирана марихуана укажуваат на тоа дека легализацијата не влијае значајно врз зголемувањето на бројот на конзументите. Исто така, кога нешто е забрането тоа станува по привлечно за одредени групи на конзументи, особено младите. Тука е нормално и факторот на искреноста на испитаниците и неможноста да се спроведе доволно објективна анкета за дејствија кои се сметаат за криминални.

- Постојат повеќе стотици производи кои можат да се добијат со обработка на индустрискиот коноп. Со легализацијата земјоделците ќе можат да си придодадат уште една дејност која позитивно ќе влијае не само врз нивниот бизнис туку и врз целокупната економија на земјата. Тука е секако и еколошкиот аспект што употребата на конопни суровини може да спаси огромен дел од нашите шуми. Конопот, за разлика од дрвата е брзо обновлив извор на суровини.

- Секој има право на својот животен стил и начин на потрага по среќа, се додека тие дејствија не почнат директно да ја загрозуваат безбедноста и мирот на другите. Оттаму апсурдно е да се гони кривично конзумент кој не направил ништо друго освен што поседува марихуана за лична употреба. Тоа претставува опасно кршење на правото на себепоседување. Ако вашето сопствено тело и ум не се лична, туку колективна -државна сопственост, тогаш мора да се констатира дека немаме направено никаков битен исчекор од небулозите на минатиот систем. Барем во поглед на личните слободи.


Со оглед на долгиот историјат[21] на користење на марихуаната, се чини дека таа е нелегална во само 1% од човековата историја. Сплетот на околности кој довел до нејзина криминализација во дваесетите од минатиот век во голема мера вклучувал расизам, предрасуди, кариеризам и профит [22] Обемните и непристрасни научни истражувања на нејзините ефекти доаѓаат дури цели 80 години по нејзината криминализација. Сето ова доведува до силно оспорување на сите предрасуди врзани со неа и декриминализација во голем број на држави во светот.

За жал може да се констатира дека нашите кампањи против марихуаната неспорно потсеќаа на реториката на Анслингер од пред речиси сто години. Спотовите во кои група млади стануваат агресивни деликвенти по конзумирањето на марихуана не е ништо повеќе од пресликување на таа архаична пропаганда[23] која денес служи само за потсмев. Барем кај оние што се повеќе информирани на темата.

Сето ова навидум може да наликува на агитација за марихуаната, на обид да се протне еден друг вид на пропаганда. Mоже да се посматра и како релативизација на употребата на “дрога”. А може да создаде и впечаток на намерно создавање на општествена морална ерозија. Она што неможе да се прескокне или премолчи е фактот што навистина не постојат логички и рационални аргументи кои би ја издигнале Канабис Сатива на исто рамниште со хероинот, кокаинот, екстазите и сл. Навистина нема аргумент кој во тој случај ќе ја оправда легалноста на алкохолот, цигарите, дијазепамот, кафето, стероидите за билдинг и така натаму.

Не е толку тешко за граѓаните(особено за конзументите) да сфатат дека државата ги малтретира за сопствените пари. Оние пари кои секој од нив ги двои од својот приход за да може државата да го заштити него и неговата околина. Државата годишно двои милиони за сузбивање на марихуаната, од полициски акции, па се до затворските трошоци. Кој има фајде од тоа што некој конзумент ќе одлежи две години на трошок на сите? Ако некој има ќар тоа е црниот пазар кој токму поради легислативата има добро оправдување да ги одржува високите цени.

Од друга страна количината на пари кои би се влеале во буџетот при легализација и оданочување на бизнисот (од индустрискиот, медицинскиот и од рекреативниот коноп) во голема мера ја преминува онаа сума која се троши на сузбивање на овој пазар. Да не напоменувам дека и покрај сите тие скапи напори на властите и покрај сите тие упропастени животи, марихуаната е сè уште сеприсутна и најзастапена од сите илегални супстанции, со над 80 проценти од сите случаи поврзани со илегални супстанции. Тука е редно да се запрашаме - Какво фајде од илегалниот статус? Кои се вистинските мотиви на регулаторите? Дали конзументите на марихуана се навистина штетни по околината? Дали тие пари кои се двојат за спроведување на оваа варварска легислатива можат да се искористат за нешто по конструктивно? Или барем да не се одземаат од граѓаните?

Еден посвеж пример [24] за рационален одговор на овие прашања е Колорадо, кој е првата сојузна држава во САД што по референдумот спроведува целосна легализација на марихуаната. Со амандманот 64 марихуаната станува акцизна стока на еднакво рамниште со алкохолот и цигарите. Недолго потоа на Колорадо се придружи и државата Вашингтон. Главниот аргумент во овој случај е проектираниот даночен прилив од бизнисот со марихуана - Економските аналитичари предвидуваат дека легалниот бизнис со марихуаната би донел 22 милиони долари буџетски прилив кој до 2017 година може да порасне и до 60 милиони. Пари кои инаку редовно завршуваат на контата на криминалните организации. Овој чекор е и своевидно признание на законодавтсвото дека досегашниот третман на овој проблем бил комплетен неуспех.

Слободниот избор во потрагата по среќа е наше природно право. Државата моментално се однесува како автор на нашиот биолошки постанок и си дава за право да ги регулира односите кои се појавиле милениуми пред неа. Притоа загрозувајќи ја личната слобода, па дури и безбедноста на конзументите. Ова секако дека може и би требало да се промени. Законодавството би требало да биде рационална иснтанца која се води од факти, а не од архаични предрасуди. А слободите и правата на граѓаните (конзументи и сите останати) треба да се приоритет на секое современо општество кое тежнее да постигне баланс помеѓу сите групи кои го сочинуваат.

Слобода и Напредок ќе се залага за нај рационалното решение на овој проблем, а тоа е постепена декриминализација на конзумирањето, па се до целосна легализација која ќе вклучува изедначување на марихуаната со останатите акцизни стоки како алкохолот и цигарите. Во оваа насока Слобода и Напредок ќе се води од решенијата на светските легислативи кои се покажале како најуспешни на овој план. Војната против марихуаната е одамна изгубена, уште од самиот почеток, а сите оние средства кои се двојат за санкционирање би можеле да се насочат кон подобра едукација на младите за вистинските опасности кои доаѓаат од тешките дроги и другите навистина деструктивни девијантни појави. За граѓаните, а особено за родителите би било подобро кога воспитувањето на своите деца и укажувањето на опасноста од пороците би било нивна сопствена задача и обврска, а не обврска на казнено-поправните институции. Особено кога се знае дека казнениот систем може да упропасти животи далеку поефикасно и потемелно од конкретното кривично дело.




Референци


Останати линкови


Ставови за лесните дроги - марихуана


Вовед

Во светски рамки, марихуаната е најприсутна од сите илегални супстанци. Кај нас не е ништо поинаку. Над 80% од сите кривични пријави за дроги се однесуваат на марихуаната. Оваа статистика укажува на тоа дека и покрај сите напори на државата марихуаната е сè уште во голема мера достапна за конзументите, а побарувачката не е воопшто намалена. Со ваквите закони и спроведување не се постигнува очигледно ништо други освен залудно потрошени средства и директно загрозување на слободата и безбедноста на конзументите.


За марихуаната

Марихуаната е единствената илегална супстанца која практично и не е супстанца, туку е дел/орган од растение кој во себе содржи цела лепеза од различни хемиски соединенија. Таа се конзумира примарно, без никаква хемиска или индустриска обработка.
Марихуаната е двополно едногодишно растение од видот Canabis Sativa. Во нашето поднебје е позната и како коноп. Индустискиот коноп и марихуаната која се одгледува за рекреативни или мединицски цели се подвидови на Сативата.

Почетоците на користење на Canabis Sativa датираат уште од праисторијата, но првите пишани податоци се врзуваат со сумерските градови. Се употребувала како суровина за текстил, градежен материјал, како лек, за ритуални цели, семето како храна и така натаму.
Canabis Sativа станува илегална дури во 1937-та, кога во САД се донесува таканаречениот Marihuana Tax Act. Вистинските научни студии за ефектите на марихуаната доаѓаат дури во доцните седумдесети од дваесетиот век, кога започнува да се формира сосем поинаква слика за ова растение.


Ефекти

Самата нелегалност создава потешкотии при изработувањето на пошироки студии во врска со краткорочните и долгорочните ефекти од конзумирањето на марихуана. Исто така факт е дека различни луѓе различно реагираат на марихуаната.
Дејството на марихуаната трае од еден до неколку часа, по што исчезнува без никакви споредни ефекти. Краткорочните ефекти се чувство на еуфорија, згоелемена мисловна активност, зголемен апетит и жед, ширење на крвните садови, забрзан пулс и така натаму.
Како што веќе напоменавме, за долгорочните ефекти сè уште не постои единствен заклучок. Голем дел од испитаниците се и конзументи на алкохол и цигари, такашто е навистина тешко да се одреди кои од ефектите се комбинирани, а кои се директен резултат од марихуаната. За разлика од веќе востановените и докажани негативни ефекти на легалните алкохол и тутун, марихуаната сè уште се наоѓа во зоната на активна научна дебата.


Факти наспроти митови

Научните испитувања покажуваат дека марихуаната е многу по безбедна за конзумирање од голем дел од легалните супстанци како алкохолот, тутунот, кафето, синтетичките лекови и така натаму. Физиолошки е невозможно да се случи фатална предозираност од марихуана. Смртоносната количина е 20.000 до 40.000 пати поголема од количината што се содржи во една цигара марихуана. Во светот не е регистриран ниту еден случај на смрт поврзана со марихуана.

Зависноста која ја предизвикува марихуаната исто така рангира под легалните алкохол и тутун. Последните децении научните студии покажаа дека марихуаната може да има и значителна примена во медицината, особено во третманот на болните од рак, третманот на хроничната болка, зголемениот очен притисок и така натаму.
Тука вреди да се напомене и една анегдота која вели - Марихуаната е може да биде штетна и смртоносна само ако се судрите со законот.


Зошто легализација?

Слободниот избор на граѓаните е приоритет на Слобода и Напредок. Секоја има право на слободен избор на начин на потрага по среќа, слободен избор како ќе се однесува со своето тело и ум и слобода да воспостави доброволни односи со останатите. Слободата е загарантирана се додека индивидуата со своите дејствија и однесувања не почне да нанесува директна штета над другите и нивниот имот.

Според тоа, апсурдно е кривично да се гонат граѓани кои не направиле ништо друго освен што конзумирале марихуана. Таквата легислатива е суштествено спротивна на концептот за личните слободи. Знаејќи дека жртвите на прогонот во најголем број на случаи се конзументите, а не дилерите, се поставуваат прашањата; Дали и како конзументите нанесуваат штета на општеството? Какво фајде има општеството што некој на заеднички трошок лежи во затвор поради конзумирање марихуана? Дали овие средства кои државата ги двои за прогон и затворање на конузментите може да се пренасочат кон по конструктивни проекти или барем да не се одземаат од граѓаните преку даноци? Кој има најголем профит од илегалниот статус на марихуаната?

Слобода и Напредок ќе се залага за нај рационалното решение на овој проблем, а тоа е постепена декриминализација на конзумирањето, па се до целосна легализација која ќе вклучува изедначување на марихуаната со останатите акцизни стоки како алкохолот и цигарите. Во оваа насока Слобода и Напредок ќе се води од решенијата на светските легислативи кои се покажале како најуспешни на овој план. Војната против марихуаната е одамна изгубена, уште од самиот почеток, а сите оние средства кои се двојат за санкционирање би можеле да се насочат кон подобра едукација на младите за вистинските опасности кои доаѓаат од тешките дроги и другите навистина деструктивни девијантни појави. За граѓаните, а особено за родителите би било подобро кога воспитувањето на своите деца и укажувањето на опасноста од пороците би било нивна сопствена задача и обврска, а не обврска на казнено-поправните институции. Особено кога се знае дека казнениот систем може да упропасти животи далеку поефикасно и потемелно од самата марихуана.


No comments:

Post a Comment