Здружението, како непрофитна организација, се залага за целосно декриминализирање на канабисот (под декриминализација се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки или нивна замена со некривични санкции во услови кога постојат меѓународно правни пречки за легализација) како во медицински, така и во рекреативни цели, и цврсто се залага за заштита и унапредување на животната средина. За таа цел, здружението за декриминализација на канабисот „БИЛКА“ интензивно ќе работи на подигнување на свеста во општеството за позитивните импликации и придобивки од канабисот, организирање на научни конференции и работилници од областите на интерес, активна соработка со останатите здруженија и организации кои имаат исти или слични цели, и посветено ќе работиме на подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина
БИЛКА од Скопје изразува надеж, дека со својата работа ќе поттикне и ќе помогне да се реализира една од основните цели на здружението-генерална декриминализација на канабисот, како и надеж дека со својата работа ќе влијае врз надлежните институции да алоцираат доволно ресурси во борбата за заштита и унапредување на животната средина, што претставува уставно загарантирано право на граѓаните, како такво инкорпорирано во член 43 од Уставот на Република Македонија“ - може да прочитате на фејсбук страницата на здружението Билка. Со еден од основачите на Билка, адвокатот м-р Јанаки Митровски, веќе имаме направено поучно интервју со за нашите права, доколку нè затекнат службите на МВР со мала количина на канабис и тоа пред точно две години, што е доказ дека основачите на Билка со години се неуморно посветени на ослободувањето на канабисот. Ние сакаме да ви откриеме нешто повеќе за оваа нова надеж за ослободување на канабисот во Македонија:
420 Macedonia: Како настана граѓанското здружение Билка?
Билка: Сите од здружението дејствувавме индивидуално во изминатите неколку години, со тоа што оваа година се решивме да се собереме како група за да можеме да дејствуваме правно со оглед на професиите кои ги имаме и како би можеле сите аспекти од процесот да ги покриеме, бидејќи заедно секогаш се може повеќе.
420 Macedonia: На што работите моментално и кои се вашите планови за блиска и подалечна иднина?
Билка: Моментално работиме на зајакнување на организациската структура, разни истражувања кои што би ни биле корисни за понатамошно дејствување, стапување во контакти со засегнати страни и креирање на планови за во иднина. Целите на здужението се: да се дојде до измени во законот за опојни дроги и во Кривичниот закон, едукација на поширокото население и зголемување на зелени површини во централните градски јадра, па затоа активностите за во подалечна иднина ќе се креираат соодветно на потребите за реализирање на нашите цели.
420 Macedonia: Што според Вас треба секој индивидуално да прави за да придонесе кон побрзо променување на свеста и со самото тоа побрзо ослободување на Светата Билка?
Билка: Секој од нас може индирекно да делува за промена на свеста кај народот. Најлесен начин е преку социјалните мрежи, споделувања на научни трудови, искуства од болни, истражувања, лични искуства итн. Може исто така и со дебати измеѓу себе, волонтерства и активизам.
420 Macedonia: Дали сметате дека Македонија има шанси да стане (вториот) „Балкански Амстердам“ и прва целосно да го декриминализира ова растение на Балканов за секаков вид на употреба?
Билка: Зашто да не, ние како здружение се стремиме кон тоа да биде целосно декриминализиран канабисот и се надеваме дека како држава би биле меѓу првите кои ќе го решат овој проблем. Затоа е потребно јавните институции да бидат отворени на ова прашање, да се има соработка со граѓаните и сите институции кои што треба да бидат вклучени во процесот. Доколку ги приближиме практиките на Холандија и нашите, Македонија побрзо ќе излезе од калта и ќе стане медицинска и туристичка дестинација.
Со здружени сили до побрза слобода на билката! |
420 Macedonia: Дали сегашнава (малку променета) законска регулатива направи повеќе добро за граѓаните или повеќе штета? Како според Билка треба да изгледа законот кој ќе го регулира канабисот?
Билка: Досегашната измена во законот е половична, односно е доста рестриктивна и треба да има промени. Не можеме да кажеме дека измената направила поголема штета, бидејќи со оваа измена се отворија многу дискусии за тоа колку користењето на канабис во медицински цели има бенефит. Почнаа јавни дебати, луѓе од докторската фела јавно да излагаат и да зборат за тоа колку придобивки има конзумацијата на маслото од канабис и можеби најважното свеста кај народот полека, полека започна да се крева.
420 Macedonia: Дали и како е возможно канабисот да биде регулиран како сите останати лековити растенија кои слободно растат низ нашата земја, како: камилица, нане, липа?
Билка: Возможно би било само доколку Македонија направи целосна легализација на канабисот, односно државата треба да истапи од меѓународните конвенции или да стави резерва за канабисот.
420 Macedonia: Секојдневно читаме за нови научни студии кои потврдуваат дека канабисот ги убива клетките на ракот, а пациентите кои поминале низ една или повеќе канабис терапии со екстракт/масло од канабис (во зависност од дијагнозата што ја третирале) потврдуваат подобрување и/или излекување и на други состојби од кои страдале со години, а конвенционалната медицина немала за нив решение, што докажува дека канабисот позитивно влијае на целокупната благосостојба. Исто така можеме да потврдите од нашето долгогодишно личното искуство со канабисот и на оние кои со години ги познаваме, дека сме многу поздрави од луѓето кои не консумираат или никогаш не консумирале канабис.
Дали сметате дека рекреативното користење на канабисот е всушност превентивна медицинска употреба? Дали сметате дека секоја здрава индивидуа пожелно е да користи канабис за превенција на болестите?
Билка: За тоа колку некој е поздрав од некој друг доколку не конзумира канабис не можеме да збориме, бидејќи тоа е сепак некое субјективно чувство на конзумирачот. За тоа дали секоја здрава индивидуа треба да конзумира канабис како превенција на болести исто така не можеме да пропагираме затоа што тоа е избор на самата личност со какви методи ќе делува за заштита на сопственото здравје.
420 Macedonia: Канабисот никого до сега не убил. Научно е докажано дека канабисот не создава зависност и дека не може летално да се предозира од канабис. Праксата исто така потврдува дека прекумерното користење на оваа лековита билка не остава никакви трајни штетни последици по здравјето и во краен случај може да доведе до заспивање – што е сепак корисно за лицето, поради тоа што тој сон е цврст регенеративен сон за чиешто време целиот организам се лекува. И да не заборавиме да додадеме дека токму поради тие пријатни и релаксирачки „несакани“ последици канабисот се консумира рекреативно.
Не е ли според Вас тотално апсурдно да се апсат луѓе за користење на дел од природата, за користење на билка која ги прави луѓето посреќни и поздрави и во никој случај не може никому да му наштети, освен на џебовите на големите компании кои се против легализацијата, додека вистинските криминалци и злосторници се шетаат слободно по улиците...?
Билка: Да, затоа и се оформивме како здружение, за да дојде до измени во законот за опојни дроги и за да може на секој граѓанин да му биде достапна, особено на најранливата група за оваа тема, а тоа се граѓаните кои се борат со различни болести и кои во моментов се под закана кривично да бидат гонети доколку се фатени како тајно одгледуваат или произведуваат масло од канабис.
420 Macedonia: Моментално свеста за лековитоста на канабисот е на многу повисоко ниво од пред некоја година, кога имаше неколку обиди за протести.
Дали сметате дека е веќе време за масовен протест на сите уживатели? Дали е тоа според вас добар начин на дејствување?
Билка: Не сметаме дека е време за масовен протест, бидејќи постојат многу други активности со кои што може да се придобие мислењето на пошироката јавност и на јавните институции.
420 Macedonia: Дали Ви се допаѓа нашата заедница 420 Macedonia? Дали сметате дека нашата дејност им е од помош на неинформираните македонски пациенти?
Билка: Вие како заедница, со вашиот активизам правите многу за да се крене свеста кај народот и да се информираат сите кои на различен начин се засегнати. Пофални зборови за неуморните активности по социјалните мрежи и пошироко.
420 Macedonia: Очекуваме со Вас продолжување на нашата досегашна плодна и активна соработка во освестувањето на македонското население за придобивките од Божјото растение канабис. Која е вашата порака до сите, поддржувачи, уживатели и љубители на канабисот?
Билка: Пораката до поддржувачите и уживателите е да зборуваат отворено на оваа тема, бидејќи само со отворена комуникација и дебати може побрзо да се дестигматизира, а со тоа и побрзо да се дојде до декриминализација на канабисот.
Погледнето го гостувањето на Џон Илија Апелгрин и Ангел Ангеловски во утринската програма на Телма
No comments:
Post a Comment