Првиот лек со екстракт од канабис ќе се појави во аптектите оваа есен. Лекот Epidiolex, направен од чист Канабидиол или CBD, активна состојка пронајдена во канабисот, е одобрен за два ретки вида на епилепсија. Сем сега има 17 години, а веќе 2 години е сосема ослободен од болеста и живее без напади благодарение на лекот
За пристигнувањето на лекот во аптеките е заслужно едно семејство кое барало лек за својот син кој страдал од епилепсија. Администрацијата за храна и лекови во јуни конечно го одобри овој лек за лекување на две ретки и сериозни форми на епилепсија, синдромот на Ленокс-Гастау и Драветовиот синдром, кои започнуваат во детството, но можат да продолжат и во зрелоста. Но, испитувањето на CBD, кое не ги предизвикува истите ефекти врз мозокот како THC-то, примарната психоактивна состојка на марихуаната поради која најчесто е консумирана рекреативно, е многу тешко поради ограничувањата за употреба на канабисот во истражувањата. Сепак, семејството на Сем Вогелштајн (Sam Vogelstein) и неговите лекари пронашле начини да се справат со ваквите ограничувања, поради борбата за спречување на неговите напади.
Нападите на Сем започнале во 2005 година, на негова 4-годишна возраст. Тоа е момент кој неговата мајка Евелин Нусенбаум (Evelyn Nussenbaum), никогаш нема да го заборави. Семејството се збогуваше со нивниот пријател, кога Сем одеднаш паднал. По два месеци, Сем повторно имал напад и од тогаш, нападите продолжиле да се појавуваат секоја седмица. На крајот, тој се справувал со 100 напади дневно. „Во најлош случај, нападите се јавуваа на секои 3 минути“ - изјавува мајката на Сем. Тој беше дијагностициран со миоклонична епилепсија, која се карактеризира со губење на способноста за реагирање, а потоа и со тешки грчеви. Нападите биле кратки, но и опасни. Во мозокот на Сем се случува замаглување кое трае од 5 до 20 секунди, доволно за тој да падне по скалите, на лицето или пак, да си ја удри главата во прозорецот. „На голем дел од тоа не се сеќавам“ - изјавува Сем. Тој се сеќава на сите лекови кои докторите му ги препорачале. Некои од нив накратко помагаат. Други пак, предизвикуваат халуцинации, црвенило на кожата и неконтролиран бес. „Сем е нежна личност“ - вели мајка му. „Му дававме лекови и тој стана агресивен, а потоа започна да удира и други деца. Си мислев, ох, ова не е моето дете“ - изјавува таа.
Повеќе од 3,4 милиони Американци имаат епилепсија, според Центарот за контрола на болести и превенција. Но, докторите сè потешко се справуваат со оваа болест. Сем се мачеше да чита, да пишува, да решава математички задачи, додека пак, мајка му забележуваше како тој сè повеќе и повеќе заостанува во училиште. Животот на Сем навистина станал тежок. „Беше страшно. Често плачев во купатилото или пак, седев во својата кола и викав“ - вели мајката на Сем. Во 2011 година Евелин прочитала за истражување за нападите извршено врз стаорци. Истражувачите успешно се справиле со нападите со помош на CBD. „Си помислив, тоа му е навистина потребно на мојот син“ - истакнува таа. Но, пред 7 години, чисто CBD беше многу тешко да се пронајде. Од тогаш, многу држави ја легализираа медицинската марихуана и CBD е достапно во аптеките и на Интернет, но сè уште е класифицирано како дрога и е нелегално според законот.
Таа се приклучила на едно друштво за епилептичари. Групата се обидувала да направи свое CBD масло. Сем реагирал одлично на маслото, но потоа неговите напади повторно се појавиле. „Кога го тестиравме маслото, во него немаше CBD“ - изјавува Евелин. Потоа семејството на Сем се обиде да направи свое масло со ЦБД. Овој процес предизвикал да се рашири миризбата во нивната околина. „Зборувавме за тоа што би се случило доколку не уапсат и си помислив, добро, уапсете ме!“ - додава таа. Конечно, мајката на Сем открива една британска фармацевтска компанија која произведува масло со висока концентрација на ЦБД. По барање на семејството на Сем, компанијата се согласила да му дозволи на Сем да го испроба лекот, под лекарски надзор кој траел две недели. Кратко потоа, семејството заминало во Лондон. „По само еден ден, неговите напади се намалија од 100 на 30, а по вториот ден, тој страдаше од само 10 напади дневно. По третиот, тој имаше само еден напад“ - раскажува мајката на Сем. Момчето не претрпи никакви несакани последици.
Но, во САД, родителите на Сем мораа да пронајдат начин за да продолжат да го добиваат лекот. Тие стапија во контакт со одговорните институции со барање Сем да го користи лекот. По четири месеци и еден куп документации, на Сем му беше дозволено лекувањето. Тој беше првиот пациент во светот кој добил Епидиолекс, лек направен од чисто ЦБД. Инспирирани од Сем, подоцна и други пациенти почнаа да го испробуваат овој лек. Во 2015, било објавено истражување кое вклучувало 214 пациенти со епилепсија, меѓу кои сите биле деца и тинејџери. За повеќето од нив, резултатите не биле толку драстични како оние на Сем. Нападите се намалиле за 36.5%, што е слично како и со останатите лекови.
Одредени пациенти искусиле моментални несакани ефекти како диареја или умор. Непознато им било зошто ЦБД кај одредени пациенти реагирало и довело до огромно подобрување, додека пак кај други не. Тоа е поради фактот што канабисот делува индивидуално и одредени концентрации и спој од активни состојки од канабисот одговараат повеќе од други кај конкретни индивидуи. ЦБД исто така стана популарно поради неговата лековитост и за други медицински проблеми. Но, лековите од канабис не се регулирани како обичните лекови, па нивната постојаност на пазарот и дозата можат да варираат.
Со легализирањето на Епидиолекс, пациентите кои страдаат од епилепсија добиваат висококвалитетна, висококонцентрирана доза на ЦБД, вели д-р Роберт Карсон (Robert Carson), невролог кој се справува со пациенти со епилепсија на Вандербилт Универзитетот (Vanderbilt University). Пациентите ќе мора да имаат рецепта за да го добијат лекот. GW Pharmaceuticals сè уште не ја одредиле цената за овој лек, а мајката на Сем се плаши дека здравственото осигурување нема да го покрива трошокот за овој лек. Во меѓувреме, Сем сеуште го добива лекот. Еден ден, се надева дека тој ќе биде оној што ќе ги дава лековите на пациенти како него. „Сакам да бидам доктор за епилепсија“ - изјавува Сем. Моментално тој се обидува да ја добие својата возачка дозвола. Тој сега има 17 години, а веќе 2 години е сосема ослободен и живее без напади.
ЧИТАЈ ПОВЕЌЕ:
* Руски научници откриваат дека ендоканабиноидите се борат против епилепсија и оштетување на мозокот
Новинар: Ангела Т.
Уредник: MoniQue Konopova
Извор: Kqed
No comments:
Post a Comment