Користењето канабис за лекување на епилепсија стана попопуларно во последно време. Научниците од Сиднеј се залагаат за повеќе истражувања за тоа дали Тетрахидроканабинолот, најпознатата состојка од канабисот треба легално да биде вклучена во мали количини при лекување на деца со тешка епилепсија
Хантер и мајка му |
Родителите се борат за правата да ги третираат своите епилептични деца со канабис. Но, ова е всушност антички анти-епилептичен лек којшто го користеле дури и древните Арапи. Тоа беше исто така популарен начин за лекување на епилепсија во средновековниот исламски свет. Производот одобрен од Владата не содржи Тетрахидроканабинол (ТХЦ), но научниците од Универзитетот во Сиднеј (University of Sydney) дознаа дека малите дози на психоактивната состојка можат да бидат ефикасни во намалувањето на нападите. Универзитетската Ламберт Иницијатива за канабиноидната терапија (The university's Lambert Initiative for Cannabinoid Therapeutics) тестираше 51 примерок од екстракти на канабис од црниот пазар кои австралиските семејства им ги даваат на своите деца. ТХЦ беше присутен во 98 проценти од примероците, иако количината не беше доволна за да има седативен ефект на опојување. Нешто повеќе од половина од екстрактите придонесоа за намалување на нападите од 75-100 проценти, додека една третина од екстрактите ја подобрија здравствената состојба, а една четвртина помогна во подобрување во говорот.
Епидиолексот има послаб ефект од нелегалното масло |
Врз основа на овие наоди, тимот сега верува дека повеќе истражувања треба да се направат за тоа како ТХЦ може да се приклучи на легална лековита формулација или да се користи со тековните анти-епилептични третмани со фармацевтски и опасни конвенционални лекови, рече научен соработник Анастасија Сураев (Anastasia Suraev). „Можеби THC може да биде важно парче од сложувалката“ - рече г-ѓа Сураев. „Ние треба да откриеме кои се овие дозно-зависни ефекти, па што се случува со пониските дози, што се случува со повисоките дози“ - додава таа. 14 годишниот Хантер Елвел (Hunter Elwell), страда од тешка форма на епилепсија позната како Драветов синдром, болеста од која страдала малечката Шарлот додека нејзините родители не започнале да ја хранат со канабис, болест отпорна на повеќето антиконвулзивни фармацевтски лекови.
Кога неговата мајка Лорејн Елвел (Lorraine Elwell) прв пат му дала медицински канабис пред шест години, нападите паднале од 30-40 неделно на два или три неделно. „Во текот на ноќта неговите напади се преполовија и во почетокот мислев дека тоа е малку среќа, но потоа, како што минуваше времето, нападите сè повеќе и повеќе се намалуваа“ - рече Елвел. „Тоа направи огромна промена - како да се сретнав со моето дете за прв пат“ - истакнува мајката од Нов Јужен Велс. Таа користела канабис од црниот пазар, но сега го користи производот одобрен од Владата со специјален пристап. Таа е посреќна што сега медицинскиот канабис станува законски, но верува дека легалниот производ, Епидиолекс, не е толку ефикасен, како што се нелегалните производи со целосен канабиноиден профил.
Хантер сега е среќно дете без напади! |
„Тој е многу подобар од она што беше пред да го користиме маслото од каннабис, но дефинитивно може да се види дека неговите напади се зголемени откако престанавме да го користиме производот канабис од црниот пазар, за да добиеме Епидиолекс“ - додава г-ѓа Елвел. И покрај тоа, таа постојано му дава на своето дете Епидиолекс затоа што е легален и секогаш достапен. „Не е подобро, но сепак е подобро од ништо“ - истакнува напатената мајка. „Тоа исто така значи дека сега може да го има во болница, не сум ограничена за да му го дадам, а медицинските сестри и сите други можат да му го дадат, без да се плашат од опомена“ - објаснува мајката. Г-ѓа Елвел верува дека истражувачите треба да го истражуваат целото растение канабис, а не само другата главна состојка Канабидиол, која не е психоактивна и која претставува нераскинлив партнер на ТХЦ. „Без да се користи целото растение не изгледа како лекот да функционира“ - истакнува таа. „Без разлика дали тоа е ТХЦ или други делови од растението, навистина не знам, но знам дека мојот син беше подобар од малку ТХЦ“ - заклучува мајката на Хантер.
* Руски научници откриваат дека ендоканабиноидите се борат против епилепсија и оштетување на мозокот
Семејствата се свртуваат кон поевтиниот и поефективниот канабис од црниот пазар
Истражувач Анастасија Сураев |
Истражувачот Сураев рече дека високите дози на психоактивното соединение се потенцијално опасни за мозокот на детето, но мали дози особено на почетокот од третманот може да имаат големи придобивки. Не смееме да заборавиме исто така дека организмот многу брзо создава толеранција, особено кога станува збор за млад организам, така што ТХЦ кај малите пациенти воопшто не делува како кај рекреативните корисници на билката, доколку се дозира соодветно. „Родителите пријавуваат големи успеси со [екстракти што содржат малку ТХЦ], па прашањето е дали постои нова формулација или екстракт од целото растение која може да биде важна за епилепсија, која сè уште не е многу добро истражена?“ - додава таа. „Ни требаат повеќе ригорозни научни студии за да можеме да ги потврдиме родителските извештаи за тоа на кој начин и до која мера се ефикасни овие екстракти од канабис [кои содржат THC]“ - заклучува Сураев.
* ВИДЕО! Не само за луѓе! Погледнете како CBD маслото инстантно ги стопира епи-нападите на ова куче!
Таа додаде дека иако владите преземаат чекори во вистинска насока, со олеснување на пристапот до медицински канабис за епилептични деца, многу семејства може да продолжат да се свртуваат кон црниот пазар, бидејќи производите се многу поевтини и полесно достапни (не е потребна лекарска документација и одобрувања како кај слабите фармацевтски комерцијални препарати од канабис). Поголемиот дел од семејствата со кои разговаравме своите (нелегални) канабис производи им ги даваат на сочувствителна основа, односно бесплатно или со донација, рече г-ѓа Сураев. „За останатите семејства, тие плаќаат околу 270 долари за еден месец за производот, што е еднакво на околу 10 долари на ден. Кога ќе го споредите со тековните законски шеми... за дете со епилепсија, легалниот производ чини околу 1.100 долари неделно и тоа е еднакво на околу 160 долари дневно. За една година тоа е околу 60.000 долари и тоа е огромна разлика и тоа е нешто што просечното семејство едноставно не можеше да си го дозволи“.
ЧИТАЈ ПОВЕЌЕ:
Автор: Кристина Т.
Уредник: MoniQue Konopova
Извор: Mobile.abc.net.au
No comments:
Post a Comment